Фото и рецепт: Даница Данче Стојева

Повторно нашата драга Данче Стојева не изненади со овој прекрасен рецепт во групата НМД рецепти. Вака приготвени можете да ги замрзнете и да ги вадите по потреба.

Потребни состојки за фил:

500 г шунка по избор
500 г кашкавал
1 тегла кисели краставички
црн пипер, сол по вкус
свеж магдонос
50 г мајонез
100 г сенф
1 јајце
За панирање/похување:
Брашно, јајца, лебни трошки (презла)

Постапка:

Прво ги пржите палачинките според вашиот рецепт (рецепт за палачинки можете да најдете на нашиот портал).

Потоа во еден поголем сад рендате половина килограм шунка, половина килограм кашкавал.

Додавате ситно сечкани или рендани кисели краставички од една тегла, зачинувате со црн пипер и сол по вкус.

На смесата се додава ситно сечкан свеж магдонос по вкус, 100 грама сенф, 50 г мајонез и едно јајце. Сите состојки се замесуваат со рака за да се соедини и изедначи смесата. Потоа се остава некое време за да се измешаат вкусовите.

На секоја палачинка се става фил, се виткаат краевите, а потоа во ролатче.

Кога ќе се потроши целиот фил кој е доволен за 20-тина пирошки, започнување со панирање/похување на пирошките.

Секоја пирошка прво ја валкате во брашно, па во матено јајце и на крај во презла. Се пржат во загреано масло, или се печат во намастен плех со малку рендан путер одозгора. Пред печењето можете да ги замрзнете и по потреба да ги вадите.

Фото и рецепт: Даница Данче Стојева