Јафа „шубарите“ се одлични слатки залчиња за кога немате многу време и набрзина сакате да се засладите со нешто навистина многу вкусно. Овој оригинален рецепт ни го претстави нашата драга пријателка Фемије Сулејмани во групата НМД рецепти.




Доколку сте набавиле јафа во поголемо рефусно пакување, тогаш освен овие колачи, можете да ги направите и „јафа топчињата“ чијшто рецепт е исто така многу лесен, брз и едноставен. Еве што ви е потребно за „јафа шубарите“:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (јафа шубари): 500 мл млеко, 1 кесичка пудинг со вкус на ванила (40 г), 1 полна супена лажица скроб/нишесте (густин), 3 супени лажици шеќер или по вкус, 30 г кокос, 24 јафа кекси (ресана) и мелени/сечкани ореви за валање на кексите или мелени кекси,кокосово брашно, чоколадни трошки или нешто друго по желба.




ПОСТАПКА за рецепт 1: Одвојте малку од млекото и во него растворете го прашокот за пудинг со скробот, па мешајте за да нема грутчиња, а остатокот од млекото ставете го во тенџере на оган за да зоврие.




Штом млекото зоврие намалете ја температурата, па постепено додавајте го пудингот со непрекинато мешање и варете додека убаво да згусне. Сварениот пудинг тргнете го од оган и додајте 30 г кокосово брашно/снегулки.




Промешајте и оставете да се олади до собна температура (покриено со кеса за да не фати коричка). Потоа лепете две по две јафа кекси од бисквитната страна (чоколадната да биде надворешна), а стрените валајте ги во мелени ореви/кекси/кокос или нешто по ваша желба. А сега, прочитајте го и следниот рецепт за вкусните јафа топчиња кои се одлични за каква било пригода:




РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (јафа топчиња): 300 г бисквити со вкус на какао (или јафа кекси кои треба најситно да се исечкаат за овој рецепт), 150 мл сок од портокал, 1 ванилин шеќер,2 големи лажици џем од портокал или кајсија, 1 ребро (50 г) чоколадо за готвење, рендана кора од портокал, 1 лажица мед.




ПОСТАПКА за рецепт 2: бисквитите сомелете (ако се какао кекси) ги или ситно исечкајте ги (јафа кекси), па прелијте ги со сок и промешајте за да омекнат. Додајте мед, џем, ванилин шеќер и растопено чоколадо, а на крај и рендана кора од портокал.




Убаво промешајте за да се соединат состојките во еднолична смеса, најдобро со рака. Добиената смеса оставете ја во фрижидер малку да одмори околу 30 минути, а потоа од неа кинете и формирајте топчиња или облици по желба. Додајте уште малку бисквити доколку сметате дека смесата е мека или малку сок, ако е премногу сува.




Топчињата можете да ги валате во мелени бисквити, кокос, рендано чоколадо, мелени ореви, лешници или нешто по ваша желба. Можете смесата да ја ставите во калап обложен со проѕирна фолија и потоа да сечете парчиња (триаголници, коцки, штангли…).

Може да додадете и друг вид на бисквити и уште 1-2 лажици какао. Ако сакате посладок вкус во смесата може да додадете уште малку шеќер во прав, а исто и чоколадо.