Рецепт на Бригита: Плескавиците на мајка ми, толку се вкусни и меки, а месото е компактно и не се распаѓа, што секогаш кога и да ги направам, се јадат до последното парче и ми бараат уште.

Од оваа количина излегуваат 12 парчиња. Потребни состојки: 1 кг мешано мелено месо, 1 поголема главица кромид од 200 г, 4 чешниња лук, дебело парче леб, 1,5 лажичка сол, половина лажичка црн пипер.

Постапка: Земете една поголема главица кромид, излупете ја, а потоа исечете на коцки колку што можете поситно (може и да го сомелете кромидот). Земете едно подебело парче леб, па натопете го во вода.

Во еден длабок сад каде ќе ја замесите смесата ставете 1 кг мешано мелено месо (половина говедско, половина свинско месо), па додајте го ситно сечканиот кромид, посолете со 1,5 кафена лажичка сол, половина лажичка црн пипер и натопениот леб, малку исцеден.

Лебот не го цедете целосно зошто потребно е да има и малку вода во месото. Издробете го со прстите, па започнете да ја месите смесата со раце, толку долго, додека да се создадат „кончиња” и дојде до соединување на сите состојки, а смесата да се изедначи.

Во смесата исто така, се додаваат и четири чешниња лук, многу ситно исечкани или поминати низ преса, но ако немате ставете малку лук во гранули (не во прав). Сепак, најдобар вкус и мирис се добива со свежо исечканиот лук.

Вака измесеното месо поклопете го со алуминиумска фолија и оставете го во фрижидер да отстои најмалку 2 часа (а можете да ја приготвите смесата и од претходниот ден). За тоа време, добро ќе се соединат сите состојки и ќе се добие сочно месо.

За формирање на плескавиците: Во една чинија ставете остро или обично брашно (сенаменско) и земете малку меѓу дланките, па протријте ги за да ви се извалкаат. На тој начин нема да ви се лепат рацете кога ќе го обликувате месото. Црпнете од смесата со голема лажица и формирајте топче.

Откако со дланките ќе формирате топче, малку сплескајте ја смесата, а притоа дланките набрашнете ги за да не ви се лепи и полесно да се формираат плескавиците. Потоа и шницлата малку набрашнете ја и ставете ја врз хартија за печење.

Величината на плескавиците сами ја одредувате, па може да правите поголеми или помали шницли, да имаат дебелина од 1 цм. Загрејте масло во нелеплива тава на умерена температура, па во него пржете ги формираните плескавици.

Пржете ги по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Маслото го загревав на 6 и плескавиците ги пржев на истата температура (нешто помалку од најсилното). Се вртат дури откако долната страна добро ќе зарумени. Вкупно се превртуваат по двапати, значи секоја страна се пржи по двапати.

Пржените шницли вадете ги од маслото, малку процедете ги за да не бидат масни, па ставете ги во длабоко тенџере и поклопете ги за да ја сочуваат топлината додека другите да се испржат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.