I Рецепт: Наједноставниот појадок готов за неколку минути – пирошки со компир. Многу вкусни и едноставни мини пирошки.

Многу едноставни и вкусни пирошки со компир. Излегуваат многу, а се јадат за час. Толку се вкусни што постојано ги правам, децата ги обожаваат, а сите ми бараат рецепт за нив.

Потребни состојки: 750 г компир, 100 г брашно, 1 лажица сув зачин (вегета), 150 г кашкавал, 40 г маргарин/путер, 2 жолчки, мускатно оревче. За похување: презла, јајце, масло за пржење.

Постапка: Компирот сварете го заедно со лушпата, излупете го и испасирајте го. Додајте го брашното, зачините, ренданото оревче, жолчките и путерот / маргаринот. Убаво промешајте и замесете ја смесата додека да добиете изедначено тесто. Обликувајте крокети, а во секое втиснете стапче кашкавал.

Вака добиените крокети валкајте ги во брашно, па во јајца, па во лебни трошки и пржете ги на умерено загреано масло. Може да ги јадете самостојно, но може и како прилог со месо.

II Рецепт: Компир пирошки, со задолжителен додаток од тартар сос – прсти да излижеш, додека се топли, незаменливи се. Фотографија и рецепт на Лидија Стојанова.

Мини пирошки, идеални за секаква пригода за имендени, родендени, домашни слави.. Ем лични, ем вкусни, кој пробал знае. Потребни состојки: 2-3 варени и изрендани компири, 3 јајца, ½ коцка маргарин од 250 г, 500 мл млеко, 1 коцка квасец, сол и малку шеќер и брашно по потреба.

Фото и рецепт Лидија Стојанова

Постапка: Се замесува тесто од наведените состојки со средна густина. Од тестото се расукува кора со дебелина од околу 5 мм. Се сечат правоаголни форми, а на средина се става фил по желба (кашкавал, салама, кечап..).

Се лепат на краевите, се валкаат прво во белка, па во презла и се оставаат малку да стасаат. Потоа се пржат во загреано масло додека да добијат убава златна боја.

Фото и рецепт Лидија Стојанова

II НАЧИНПотребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 200 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 400 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка сув зачин (вегета), 2 жолчки и 200 г варен компир. За фил: 1 младо кромитче, 1 младо лукче, 3 домати, 100 г суво, димено месо, 100 г сирење и маслиново масло, оригано, босилек, црн пипер.

Фото и рецепт Јулијана Павловска

Други потребни состојки: 2 белки и презла за валкање. Постапка: Најпрво ставете го квасецот со млекото, шеќерот, две лажици брашно, па промешајте убаво да нема грутчиња во смесата. Оставете смесата да отстои 10 минути за квасецот да се активира. Направете тесто со останатите состојки и варениот и изрендан компир.

Оставете го тестото да стаса, околу 30-40 минути. Потоа развлечете кора, сечете правоаголници и филувајте со претходно приготвениот фил. Со прстите притиснете на краевите за да се залепи пирошката, па валкајте ги прво во белка, а потоа во презла. Пржете ги во не многу врело масло.

За фил: Малку издинстајте ги кромидот и лукот, па зачинете, додајте рендан домат, суво месо на коцкички, па сирење или кашкавал. Со оваа смеса филувајте ги пирошките. Тестото е феноменално, а филот можете да го промените по ваш вкус.

III Рецепт: Пирошки со сирење кои не впиваат масло, однадвор се крцкави а внатре се сочно меки – за 30 мин се готови. Рецепт на Милица Божиќ – Брзи пирошки со сирење и шунка.

“Бев на летување на море и таму пробав печива слични на мекици или пирошки. Ме потсетија на нашите печива, но со таа разлика што беа доста масни. Тогаш се сетив дека јас имам одличен рецепт за пирошки кои се многу вкусни, а не впиваат масло. Она што е најдобро од сè е тоа што се готови за само половина час!,” вели Милица.

Потребни состојки: 3 јајца, 400 г брашно, 500 г сирење, 1 ќесичка прашок за печиво, сол по вкус, масло за пржење. За фил: 150 г шунка, 150 г сирење.

Постапка: Во поголем сад измешајте го прашокот за печиво со брашното, потоа додајте три јајца и на крај додајте обично сирење или фета сирење изгмечено со виљушка. Ако сирењето не е солено, додајте сол по вкус. Во спротивно нема потреба. Полека замесете ги сите состојки со рака.

На почетокот можеби ќе ви се чини дека тестото е тврдо, но колку подолго го месите тестото ќе видите дека е сосем меко, убаво и компактно. За ова тесто нема потреба ни 5 минути да се чека да стасува. Истресете го тестото на набрашнета работна површина и малку премесете го за да не се лепи. Поделете го на два дела за полесно да се развлечува.

Пред да започнете со развлекувањето, вклучете ја ринглата на 4 од 6, односно маслото да се загрее на средна температура. Кората развлечете ја со средна дебелина (половина прст), па пресечете ја на ленти. Филувајте со сирење и шунка или по желба, а вкусни се “клот,”без ништо.

Свиткајте ги со преклопување за да се затворат. Пржете ги во загреано длабоко масло, на умерена температура. Превртувајте ги неколку пати. Потребни се околу 5 минути за да се испржат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска