Индијанките се колачи кои сигурно ќе ве вратат во детството, кога татковците ги носеа своите семејства во слаткарници за да се засладат со омилените колачи: еклери, шампита, тулумби, орасници, баклава и секако, индијанките.

ИНДИЈАНКИ – Фото и рецепт: Ангелина Ангелеска




Денес во слаткарниците овие колачи се малку запоставени, а приоритет им се дава на некои нови. Оние кои се сеќаваат на нивниот вкус секогаш трагаат по одличен рецепт за да можат да си ги приготват дома. Ова е еден најдобриот рецепт за домашни индијанки:




РЕЦЕПТ на Ангелина Ангелеска. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 100 г шеќер, 200 г брашно, 1 прашок за печиво (10 г). За фил: 2 кесички пудинг со вкус на ванила (80 г), 600 мл млеко, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 150 г путер, 50 г чоколадо, 50 г шеќер




ПОСТАПКА: Одвојте ги белките од жолчките во различни садови. Најпрво изматете ги белките во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Кога ќе добиете цврст „шам“ кој не паѓа од садот кога ќе го превртите, започнете со додавање на жолчките, една по една.




Матете со миксерот со најголемата брзина, па кога претходната жолчка ќе се инкорпорира во снегот од белки, за кратко додајте ја следната. Потоа додајте го брашното измешано со прашок за печиво, најдобро просеани за да биде тестото нежно и воздушесто.




Мешајте со лажица/шпатула со превртување на смесата, но може да продолжите и со миксерот, но со најмала брзина додека да добиете изедначена, хомогена смеса без грутчиња. Смесата можете да ја префрлите во шприц за полесно обликување на „индијанките“.




Формите правете ги директно во плехот обложен со хартија за печење, па ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, додека да заруменат. Во меѓувреме се приготвува филот од пудинг.




За фил: се варат пудинзите во млекото со шеќерот и ванилата според описот на кесичката: Во малку млеко растворете го прашокот од пудинг додека да се изедначи без грутчиња, а остатокот ставете го на оган, заедно со шеќерот.




Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата и тргнете го тенџерето малку настрана додајте го растворот од пудинг и непрекинато мешајте додека да добиете убава густина. Оставете го пудингот да се олади до собна температура со повремено промешување за да не фати коричка (или покријте го со проѕирна фолија).




Во оладениот пудинг додајте го путерот, претходно исечкан на коцки и омекнат на собна температура (пудингот и путерот мора да бидат на иста температура). Колачите се филуваат со изматениот фил додека се сè уште топли.




Филот што ќе остане за декорирање се дели на половина и во едната половина се става 50 г црно чоколадо растопено на пареа или во микробранова печка. Изматете додека да се изедначи, па со помош на готварски шприц декорирајте ги индијанките.