Баунти се познати и омилени чоколатца во чиј вкус уживаат подеднакво сите, а најмногу обожавателите на кокосот и чоколадото. Ако сакате да ги направите сами, испробајте го овој супер едноставен рецепт за кој ви се потребни само 10 минути.

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл слатка павлака (или кондензирано млеко), 150 г кокос, 400 г шеќер во прав и 400 г чоколадо (млечно или со поголем % какао)

Постапка: во еден сад ставете го млекото и додајте го кокосот. Промешајте па додајте шеќер, па сите состојки заедно промешајте ги додека да добиете густа кремаста смеса. Излејте ја смесата во калапи или во четвороаголен сад па ставете го во фрижидер (или замрзнувач) да се излади и стегне.

Потоа извадете ги плочките од калапите или исечете ги на правоаголничиња со големина по ваша желба. Сите плочки една по една потопувајте ги во растопено чоколадо, па вратете ги повторно во фрижидер да се стврднат.

II РЕЦЕПТ: Многу брзи баунти штангли, без печење – се приготвува во посна и мрсна варијатна

Колачот се приготвува навистина многу брзо и погоден е за секакви пригоди. Има одличен вкус и може да се приготви како посен или мрсен колач. Баунти бајадерата без печење е готова за многу кратко време и со малку ладење може веднаш да се послужи.

Може да се сече и во коцки и во штангли, по ваша желба. Сигурна сум дека ќе уживате во ова слатко задоволство. За сите љубители на кокосот.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити, 200 г црно чоколадо и 200 мл млако млеко (за посно: оризово или бадемово млеко). За фил: 500 мл млеко (за посно: оризово или бадемово млеко), 100 г шеќер, 80 г гриз и 170 г кокос. За глазура: 150 мл слатка павлака и 150 г црно чоколадо

Постапка: ако ја приготвувате посната варијанта користете посни бисквити и оризово или бадемово млеко, а глазурата направете ја од црно чоколадо и малку масло. Измешајте мелени бисквити и изрендано чоколадо. Полека долевајте млеко и месете.

Смесата за кора распоредете ја во калап 30х20 см или во помал ако сакате колачот да ви биде повисок. Само не го ставајте во поголем од овој, зошто колачот ќе излезе многу тенок. Истресете ја смесата, па со дланката или со задниот дел од лажицата (или чаша) притиснете насекаде подеднакво.

Млекото со шеќерот ставете го на оган да проврие. Потоа додајте го гризот и мешајте додека малку да згусне. Кога ќе згусне како пудинг тргнете го од оган па додајте го кокосот и мешајте. Кокосот дополнително ќе ја стегне смесата. Тргнете го од оган малку да излади, да не биде врело.

Потоа лажица по лажица ставајте од смесата врз кората и израмнете со шпатула. Загрејте ја слатката павлака и искршете го чоколадото. Со врелата слатка павлака прелијте преку чоколадото и мешајте додека целосно да се растопи и соедини. Прелијте преку филот од кокос и оставете убаво да излади и да се стегне.

III РЕЦЕПТ – Направете домашна БАУНТИ ТОРТА за која ви се потребни само 10 минути.

Фаворитниот рецепт на читателите на НМД. Направете домашен колач или торта со вкус кој сите го обожуваат. Овој колач е седмо небо за љубителите на БАУНТИ – готов за неполни 10 минути, без печење. Со полн кремаст вкус на кокос.

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити, 200 г темно, квалитетно чоколадо, мелено или ситно рендано, 100 мл млеко. За фил: 500 мл млеко, 80 г пченичен гриз, 100 г шеќер, 200 г кокос. Глазура: 100 мл слатка павлака, 100 г црно чоколадо, 40 г путер.

Постапка: Се мешаат мелените бисквити и меленото чоколадо, па се прелеваат со млеко. Се меша сето, а добиената смеса за кора се натапкува во тепсија 30х22 см обложена со хартија за печиња. Се израмнува да биде рамномерно. Половина литар млеко со 100 г шеќер и 70 г пченичен гриз се мешаат со жица за матење.

Потоа се ставаат на оган и се готви со постојано мешање додека да згусне. Во врелиот гриз се додава кокосот, се меша и се нанесува рамномерно врз кората. Се става во фрижидер или замрзнувач да излади. За глазура, слатката павлака се загрева на оган.

Мора да се внимава таа да не зоврие, туку да се загрее доволно за да може во неа да се растопи чоколадото. Додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека тоа да се стопи и соедини во еднолична смеса, па додајте 40 г путер, промешајте и прелијте како глазура.