Кога за првпат го приготвив овој колач не верував дека ќе биде толку вкусен. Првпат правев колач со зеленчук. Иако претходно имав прочитано дека може да се приготвуваат многу вкусни колачи со морков, компир, па дури и со грав, сепак, никогаш не се ocмелив да приготвам еден, бидејќи се coмневав во конечниот резултат.

Морковот е од оние зеленчуци кој е подеднакво здрав да се јаде и здрав и готвен. Кога се јаде сиров морков на пример, помага во лекувањето на опстипација, а кога се јаде варен морков, тогаш помага во лекувањето на дијареа. Исто така, од готвениот морков полесно се апcopбира бета каротенот (витамин А).

Со овој колач можете истовремено да се сладите во вкусот, но и внесете во организмот навистина корисни состојки. Во зависност од блажината на самите моркови, количината на шеќерот од рецептот можете да ја намалите или да ја замените со стевија или друга шеќерна замена. Еве што сè ви е потребно за да го приготвите овој вкусен колач.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г моркови, 1 чаша сок од портокал (200 мл), 1 супена лажица прашок за печиво (14 г), 400 г брашно (4 чаши), 5 јајца, 150-200 г шеќер (1 чаша, во оригинален рецепт 2 чаши =320 г), а може и помалку, 150 мл масло (3/4 чаша).

ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: Глазурата можете да ја приготвите по некој свој рецепт, а ние ќе ви предложиме две опции: да растопите на тивок оган 200 г црно чоколадо со 200 г слатка павлака, или да ја приготвите според оригиналниот рецепт од: 160 г шеќер, 50 г путер, 150 г чоколадо во прав и 50 мл млеко

ПОСТАПКА: Морковите измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на ситни коцкички, па ставете ги во во висок блендер. Додајте пет јајца, една чаша сок од портокал и нешто повеќе од половина чаша масло (150 мл). Миксајте 2 минути додека да се изедначат состојките во еднолична каша.

Добиената портокалова каша претурете ја во подлабок сад и додајте го шеќерот. Во оригиналот се става 320 г, но секако оваа количина може да се намали и да стави помалку или да се користи некаква поздрава замена како што е стевијата на пример.

Промешајте добро со жица-маталка, па започнете постепено да го додавате брашното. Мешајте додека да се изедначи смесата и да нема грутчиња. На крај додајте го прашокот за печиво (1 кесичка или 14 г).

Подгответе плех со димензии 32х21 или со приближни димензии. Намастете го со путер, па излејте ја смесата во него и малку протресете за да се израмни и да излезат евентуалните воздушни меурчиња.

Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути (најдобро да проверите со чепкалка, доколку е сува, значи дека колачот е добро испечен). тргнете го колачот на страна и пригответе ја чоколадната глазура.

Доколку ја приготвувате на поедноставниот начин: загрејте ја слатката павлака на умерена температура, но не дозволувајте да зоврие. Тргнете на страна, додајте го чоколадото искршено на коцки, почекајте една минута, па промешајте додека чоколадото целосно да се растопи и соедини.

За вториот начин сите наведени состојки ставете ги во едно мало тенџере и загревајте на тивко додека да се растопат и соединат. Глазурата прелијте врз печениот колач и израмнете. Оставете да се олади, па сечете и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.