I РЕЦЕПТ – Пита со јаболка – готова за 20 минути, се приготвува со готови кори. Многу вкусна пита со фил од јаболка и гриз. Потребни состојки: 500 г тенки кори, 1,5 кг јаболка, 600 г + неколку лажици шеќер, 700 мл вода, 1 ванилин шеќер, 100 г путер, малку масло, 3 лажици гриз и по желба ореви, цимет, суво грозје.

Постапка за приготвување на сирупот (се приготвува неколку часа претходно за да има време да се олади): 600 г шеќер растопете во 700 мл вода и ставете на оган да зоврие. Ставете го и ванилин шеќерот, па готовиот сируп тргнете го на страна да излади. Растопете 100 г путер и во него додајте неколку лажици масло.

Јаболката излупете ги и изрендајте ги, па додајте неколку лажици шеќер и 3 лажици гриз, за да го впијат вишокот сок. По желба, во филот можете да додадете цимет, суво грозје и ореви. По две кори спојувајте, премачкувајте ги со путер и масло, па филувајте со јаболка.

Филот се нанесува само на еден дел на почетокот, па потоа се витка во ролатот. Испланирајте да ви остане доволно фил за сите кори (пребројте ги корите, а потоа колку ролати ќе имате, на толку делови поелете го филот). Свитканите кори редете ги во плех.

Кога сите ќе ги наредите, исечете ги со остар нож на парчиња со големина по ваша желба, одозгора полијте ги со малку масло и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени додека да заруменат. Врелата пита прелијте ја со ладен сируп.

II РЕЦЕПТ – Баклава со јаболка, поубава не сте јаделе / Фотографија и рецепт на Ариана.

Потребни состојки: 500 г готови кори, 7-8 јаболка со средна величина, 10 големи лажици шеќер за јаболката, 1 ванилин шеќер, по желба цимет за јаболката, 3 големи лажици лебни трошки за јаболката, неколку капки арома од ванила и бадем, 150 г грубо мелени лешници и ореви, 150 г ситно мелени лешници и ореви и 250 г путер.

За шербет: 1 лимон исечен на кругови, 600 г шеќер и 1 литар вода. Постапка: Прво измешајте ги оревите и лешниците, па одвојте половина за да ги сомелете покрупно и другата половина поситно.

Путерот растопете го. Јаболката убаво измијте ги и изрендајте ги со кора, измешајте ги со лебните трошки (презла), цимет, арома и шеќер. Во тепсија (32х22 см) ставете хартија за печење и премачкајте ја со растопен путер. Започнете со редење на корите:

Прво стаете една кора, премачкајте ја со путер, па ставете втора кора и истото повторете го уште три пати. Наредете вкупно 5 кори премачкани со путер. Врз корите ставете малку од смесата со ореви и лешници и малку од смесата со јаболка. Рамномерно распоредете.

Потоа ставете две кори и малку притиснете ги со рака за да добиете рамна површина. Премачкајте ги со путер, па повторно наредете фил. На овој начин редете додека да ви се потроши материјалот. Последните 5 кори се редат исто како на почетокот, без фил.

Наредената баклава се сече во облик на ромбови, добро се премачкува со растопен путер и се пече во претходно загреана рерна на 150 степени. Се пече додека да добие обава бакрена боја. Печената баклава се прелива со шербет кој претходно сме го свариле и изладиле.

За шербет: Водата, лимонот исечен на тркалца и шеќерот варете ги додека да добиете густ сируп. Врз прелиената баклава ставете алу-фолија и врз неа нешто тешко за да може баклавата убаво да го впие сирупот. Изладете неколку часови пред консумација. Најдобро е да се направи баклавата еден ден претходно и да ја оставите да се лади во фрижидер преку цела ноќ.