Украсните погачи можеби изгледаат комплицирани за подготовка, но мирисот и вкусот не се споредуваат со ниеден друг леб или пита. Оваа погача која се нарекува „Подарок погача“ е идеална да ја подарите за Божик или да ја направите и да ги почестите вашите најмили. Подготовката е многу лесна и интересна, доколку постапно ги следите чекорите. Еве што ви е потребно да ја направите:




ПOTРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл млеко, 8 г сув квасец (25-30 г свеж квасец), 150 мл јогурт, 1 лажица шеќер, 900 г брашно, 2 јајца, 100 мл масло, сол по потреба. ПОСТАПКА: Во длабок сад ставете 350 мл млако млеко и додајте 8 грама сув квасец, една лажица шеќер и малку брашно. Малку промешајте со жица/маталка, па додајте 150 мл јогурт, двете јајца и 100 мл масло, малку сол и околу 900 г брашно.




Брашното додавајте го постепено, додека ја мешате смесата и добро измесете го тестото. Откако ќе го измесите оставете го во садот, покријте го со фолија или кујнска крпа и оставете го да нарасне околу половина час, на собна температура. По 30 минути спуштете го тестото на рамна, набрашнета површина и поделете го на три топчиња со големина на портокал, а вишокот тесто што ќе остане тргнете го настрана за подоцна.




Првото топче развлечете го со оклагија тенко и ставете го во претходно обложена, кружна тепсија. Мојата тепсија е со величина 33х33 см. Повторете ја постапката за второто топче и премачкајте го со путер или маргарин, па почнете да го вртите полека во вид на ролат и ставете го настрана. Третото топче исто развлечете го со оклагија и на средината на тестото притиснете со оклагијата за да направите вдлабнатина.




Во вдлабнатината премачкајте со малку путер и ставете го ролатот од второто тесто врз третото развлечено тесто. Од страните на третата развлечена кора направете резови на тестото и почнете со плетење околу ролатот (погледни слика). Линиите една по друга плетете ги врз ролатот во средина.




Откако ќе исплетете доколку има вишок тесто од страните исечете го за да изгледа поуредно. Сплетеното тесто ставете го од едната страна по должина, врз првото тесто во тепсијата. Од останатото тесто направете овојпат четири мали топчиња. Топчињата развлечете ги тенко, како мали кругови.




Премачкајте ги корите со путер и наредете ги една врз друга. Наросете ги со малку брашно и исечете ги на 8 триаголници. Секој триаголник исечете го малку на средина и аголот или врвот од триаголникот протнете го во малото дупче за да направите изглед на цвет.




Направете две мали топчиња и ставете ги врз првото тесто од страните на тепсијата, спротивно на исплетениот ролат, па почнете да ги редите цветовите од левата и десната страна, по 4 од секоја страна. Последниот дел од тестото поделете го на шест еднакви топчиња, развлечете ги тенко, по должина и премачкајте ги со путер.

Почнете да ги редите круговите еден врз друг, три кори за едно тесто и другите три за другото. На средина на тестото ставете прст за убаво да ја измерите средината и од страните исечете на тенки ленти, кои треба како претходно, да ги испреплетувате. Лентите плетете ги една врз друга, како што е прикажано на видеото подолу.




Повторете го ова и на второто тесто. Откако ќе завршите со ова, плетенките ставете ги во тепсијата едната од десна, а другата од лева страна, во вид на круг. На средина треба да имате празен дел во кој ќе ставите стаклено шише, обложено со алуминиумска фолија.

Шишето „легнете“ го во средина на тепсијата, со врвот накај двете топчиња кои првично ги ставивте. Последната плетенка треба да ја сплетете на поинаков начин. Развлечете топче тесто по должина и исечете шест прави и тенки линии. Направете две плетенки со по три линии и пред да ги ставите врз стакленото шише, шишето премачкајте го цело со путер за да не се залепи тестото на него.

Наместете ги плетенките врз шишето па намачкајте ја цела погача со едно изматено јајце и една жолчка. Погачата печете ја во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40 до 50 минути.

Откако ќе се испече внимателно извадете го шишето и ставете го вистинското шише на тоа место, кое сакате да го поклоните. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.