Пробајте ги овие вкусни вегетаријански плескавици кои се многу сочни, кај мене дома сите беа воодушевени, особено дечињата. Ги направив минатата недела за ручек, а како прилог ги искомбинирав со пире, навистина се многу вкусни, а целата постапка нема да ви одземе повеќе од половина час, сосе готвењето.
Рецептот го добив уште одамна од една пријателка, но сега одлучив да го испробам. Сѐ што ви е потребно се неколку модри патлиџани, а за оние кои повеќе сакаат тиквички, може да го прочитаат вториот рецепт, кој е исто така вегетаријански. Овие плескавици може да ги ставите помеѓу две потпечени лепчиња или да ги јадете со салата или пире како прилог. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 550 г модар патлиџан, 100 г лебни трошки (презла), 40 г пармезан или обичен кашкавал, 1 јајце, 2-3 чешниња лук, половина китка магдонос, 5 лажици екстра девствено маслиново масло или по потреба, сол по вкус. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 мала тиквичка, 1 поголем морков, 1 поголема пиперка, 4 чешниња лук, 1 китка магдонос, 2 јајца, 2 лажици лебни трошки (презла), 2 лажици брашно, сол, масло.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Модриот патлиџан измијте го под млаз вода и излупете го на ленти, така што на некои места преку едно лупење ќе остане лента од лушпата (види фото). Исечете ги краевите на модриот патлиџан и потоа исечкајте го на поситни коцки, кои не треба да бидат многу големи.
Тргнете го модриот патлиџан настраната, па излупете и ситно исечкајте неколку чешниња лук. Во едно тавче ставете 2 лажици маслиново масло и веднаш ставете го сечканото лукче да се запржи, со повремено мешање. Кога лукчето ќе ја испушти својата прекрасна арома, додајте го сечканиот модар патлиџан и гответе на умерена температура со повремено мешање.
По 5 минути готвење, намалете ја температурата на ринглата на ниска, покријте го тавчето со капак и гответе уште 10-тина минути за модриот патлиџан да омекне. Повремено тргајте го капакот и промешувајте. По изминатото време, модриот патлиџан треба да е омекнат, тргнете го од рингла и смесата префрлете ја во подлабок сад.
Постепено додавајте вкупно 100 г лебни трошки (презла), со мешање на смесата. Потребно е да добие кашеста и мека конзистентност. Додајте и 40 г рендан пармезан, а доколку сакате плескавиците да бидат вегански, додајте повеќе презла. Додајте 1 јајце (за вегетаријански) и повторно соединете ја добро смесата. Настрана ситно исечкајте го магдоносот на ситно и додајте го, па посолете по вкус.
Обликувајте ги плескавичките со помош на кружна модла, јас секогаш ги правам подебели, приближно со дебелина од 1 см, а може да ги правите и по желба. Врз плескавиците наросете малку лебни трошки и ставете ги на 20 минути во фрижидер, смесата да се стегне. Плескавиците може да ги обликувате и со помош на две лажици или во навлажнети дланки со малку водичка.
Вака подготвените плескавици пржете ги во тавче со 3 лажици маслиново масло, приближно по 2-3 минути од страна, додека да фатат коричка. Може да ги печете и во рерна, во тој случај рерната се вклучува на 200 или 220 степени и се печат 15-20 минути, а може и помалку, со превртување, на крајот.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Тиквичката убаво измијте ја, излупете ја и изрендајте ја. Морковот исто така измијте го, исчистете го и изрендајте го на ситниот дел од рендето.
Пиперката исечкајте ја на ситни коцкички. Промешајте го иситнетиот зеленчук и посолете го по вкус. Оставете 10 минути за да се ослободат соковите и да се поврзат вкусовите. Потоа исцедете добро со раце. Во исцедениот зеленчук додајте истолчено/изгмечено лукче, јајца, брашно, презла и ситно сечкан магдонос.
Убаво промешајте за да се соединат и изедначат состојките. Плехот обложете со хартија за печење и премачкајте го со малку масло. Вклучете ја рерната да се загрева на 190 степени. Со навлажнети или намастени раце правете ги плескавиците и редете ги во плехот.
Печете на 190 степени 40-тина минути, додека убаво да заруменат. На половина од печењето плескавиците од тиквички премачкајте ги со масло и вратете ги во рерна. Деталите за првиот рецепт може да ги погледнете ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.