Со овој рецепт можете да приготвите многу вкусен вегански и здрав десерт. Земете неколку банани, какао и јаткасти плодови и направете прекрасен десерт без шеќер. Ова е еден од оние здрави рецепти, кои треба да ги споделите со пријателите и семејството, бидејќи се подготвува лесно и брзо, економичен е и се прави со малку состојки. Десертот е готов за пет минути.




Колачот не се пече и рецептот може да се прилагодува според сопствен вкус. Бидејќи се состои од 3 состојки и нема намирници кои се расипуваат брзо, колачот стои и по неколку денови во фрижидер, најмногу до 5 дена. Еве кои состојки ви се потребни:




ПOTРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 шолја мешани јаткасти плодови или само кикирики (80 г), 1 1/2 шолја пире од банана (375 г), 1/2 шолја какао без шеќер (50 г). Чашата за мерка е 250 мл, а се користи калап со димензии 19х9х5 см.




ПОСТАПКА: За да започнете со подготовка на овој здрав и вкусен десерт, потребно е да имате мешавина од јаткасти плодови. Може да користите мешавина од ореви или бадеми, лешници, кикирики, што имате дома или по вкус.




Како замена на јаткастите плодови, може да користите суво грозје или урми или да ги измешате заедно со јаткастите плодови. Рецептот е флексибилен, па секојпат можете да подготвувате различен колач од јатки и да одлучите со кои јаткасти плодови/суво овошје најмногу ќе ви се допадне.




Во овој рецепт се користат бадеми и ореви, кои треба ситно да се исечкаат. Ќе ви бидат потребни околу 80 г или половина шолја. Потоа земете две банани, излупете ги, а потоа испасирајте ги со задниот дел од виљушката, додека да се добие пире од банани, без остатоци од овошјето.




Измерете ја количината на бананите која треба да биде приближно 1 1/2 шолја. Малку промешајте, па постепено започнете да го додавате какаото во бананите, кое треба да биде без шеќер. Бананите даваат токму избалансирана блажина, па колачот нема потреба од дополнително засладување.




Соединете ги бананите и какаото додека да добиете кремаста и чоколадна текстура. Овој чекор можете да го направите и во блендер. Доколку немате блендер, состојките соединете ги со вилушка со која ќе треба да мешате повеќе минути.




Откако ќе ги соедините состојките, префрлете ја смесата во тенџере, кое ќе го ставите на рингла, вклучена на ниска температура и гответе околу 5 до 7 минути, со повремено мешање додека текстурата на смесата да се згусне.

Откако ќе згусне составот, ставете дел од оревите и бадемите во тенџерето, а останатиот дел можете да го зачувате за декорација на крај. Од јаткастите плодови ставате толку колку што е напишано во потребните количини на рецептот, а ако сте исечкале повеќе, зачувајте ги за декорација.

Вака подготвената смеса веднаш префрлете ја во калап, кој претходно треба да го премачкате со масло или во калапот да ставите хартија за печење. Овој десерт можете да го јадете и додека е топол, за околу половина час, по отстојување на собна температура.

Десертот го привршуваме со декорирање на останатиот дел од јаткастите плодови кои со лажица ги притискаме нежно за да се залепат убаво за смесата. Колачот можете да го ставите во фрижидер, да отстои околу два часа и да го јадете ладен.

Ова е идеален и здрав десерт кој одлично одговара со кафе, за ужина на работа или за да им пратите на дечињата за на училиште. Здрав и без глутен. Колачот се послужува со сечење на коцки и при секој гриз има мека текстура со вкус на чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.