ВАСИНА ТОРТА: Најубавата торта на нашите простори, сите ја обожаваат, од млади до стари

Васината торта традиционално се подготвува секоја година и е дел од нашата долгодишна традиција. Повеќето рецепти кои ги имате за оваа торта се многу слични, со минимални промени, но главно оваа торта се подготвува на еден и единствен начин, и тоа следниот:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 5 лажици мелени ореви, 1 лажица брашно, 40 г рендано црно чоколадо. ЗА ФИЛ: 5 жолчки, 125 г шеќер, 200 г мелени ореви, 100 мл млеко, 60 г црно чоколадо, 125 г путер, рендана кора од еден портокал.




ЗА ШАМ: 5 белки, 200 г шеќер, 100 мл вода, прстофат сол. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ НА КОРАТА: сок од еден портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 3 лажици масло, 2 лажици млеко Рерната се вклучува на 180 степени за да се загрее.




ПОСТАПКА за кората: Издвојте ги белките од жолчките и оставете ги да отстојат на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на кората, како и останатите состојки кои се чуваат во фрижидер (млеко, путер).




Во сад се матат 5 белки со 5 лажици шеќер. Во изматените белки се додаваа една по една жолчка и истовремено се продолжува во матење со миксерот. На крајот се додаваат оревите, брашното и ренданото чоколадо и сè заедно се соединува.




Еден плех за печење со пречник од 26 см се обложува со хартија за печење, а краевите се премачкуваат со масло. Смесата се претура во плехот, малку се протресува целиот плех од рамна површина за да излезат насобраните меурчиња и се става во рерна да се испече околу 20-25 минути. Откако ќе се испече, кората се остава во плехот за да се излади.




За филот се матат 5 жолчки со 125 г шеќер. Изматените жолчки се ставаат на пареа за да се готват. Се готват околу 5 минути за жолчките да се пастеризираат. После 5 минути се тргаат настрана за да се оладат и повремено се промешуваат.




Мелените ореви се попаруваат со топло млеко и се додава стопено чоколадо
и се остава настрана за да се олади. Во изладените жолчки се додава претходно растопен путер и со миксер добро се инкорпорирува. Потоа се додаваат чоколадото и оревите и повторно сè се миксира.

Изладената кора се прелива со сок од портокал, па се нанесува целиот фил и се израмнува. Потоа се става во фрижидер да се олади додека се подготвува шамот. За шамот потребно е во тенџере да се стават вода и шеќер и откако ќе зовријат се оставаат на среден оган да се готват уште 5 минути.

Треба да внимавате да не биде голема топлината бидејќи така ќе се карамелизираат. Додека се готви сирупот во друг сад 5 минути се миксираат белките кои ви останаа од првиот крем со прстофат сол. После сирупот се трга настрана и на истиот оган се става тенџере со вода и врз него садот со изматените белки. Во истиот тој сад се додава зготвениот сируп и се продолжува со миксирање вкупно 5 минути.

Се вади тортата од фрижидер и одма се премачува со шамот, малку се притиска за да нема дупки од воздух. Се порамнува и се става пак во фрижидер да се стегне уште неколку часа. Глазурата се премачкува на добро оладена торта.

За глазурата е потребно да се стопи чоколадото со масло и млеко на ниска температура и потоа се прелива врз тортата. Доколку тортата ја држите во фрижидер извадете ја 15-тина минути пред послужување за да можете да ја пресечете за да не се скрши чоколадната глазура која во фрижидер ќе се стегне.

Ако тоа ви претставува проблем тогаш тортата можете да ја декорирате само со рендано чоколадо преку шамот, за сечењето да биде полесно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаТОПЛО ЧОКОЛАДО КОЕ ГИ ШТИТИ КОСКИТЕ: Сите го обожаваат поради убавиот вкус
Следна статијаПЛЕСКАВИЦИ ОД КОМПИР: Евтино јадење со крцкава и златна коричка, брзо и лесно се прават за час