Многу брз, едноставен и вкусен оброк. Плескавиците од компир полнети со малку кашкавал се евтино и едноставно јадење кое можете да го јадете самостојно или како прилог на главното јадење, со месо. Вкусни се топли, но и ладни, па тоа ги прави одлична закуска и за различни пригоди, доколку ги приготвите нешто порано пред послужувањето.




Исто така, доколку ви здодеале пржените или печените компири, или пак, класичното компир-пире како најчест прилог на јадењата, сетете се на овие плескавици и брзо пригответе ги, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 компири со средна величина, 3 јајца, 40 г пченкарно брашно, 1 мала лажичка сол или по вкус (и една лажичка сол за водата во која се варат компирите), 1/2 лажичка мелен црн пипер, 100 г рендан кашкавал за полнење.




ПОСТАПКА: Компирите измијте ги убаво под млаз ладна вода, ставете ги во тенџере со ладна вода, додајте една лажичка сол, поклопете и ставете на оган да се сварат. Кога компирите ќе омекнат (проверете со виљушка дали рамномерно се омекнати од сите страни), истурете ја водата и оставете ги да се подизладат.




Кога компирите ќе станат млаки излупете ги, а потоа со специјална пасирка испасирајте ги во мазно пире без грутчиња. Додајте ги јајцата, пченкарното брашно, посолете и запиперете по вкус, а може да додадете и некој зачин по ваша желба.




Добро изедначете ја смесата додека зачините рамномерно да се распоредат, а јајцата да се инкорпорираат во компирот. Потоа црпете од смесата со малку влажни или намастени раце и со полош на дланките формирајте плескавица.




Во средината од секоја плескавица ставете малку рендан кашкавал, приближно еден прстофат или една лажица, па затворете ја плескавицата од сите страни, за да не истекува кашкавалот при пржењето.




Во длабока тава ставете масло да се загрева на умерена температура со длабочина од 1-2 см, па спуштајте ги формираните плескавици и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат со златна коричка. Вадете ги со решеткаста лажица. Деталите погледнете ги ОВДЕ.