Овој рецепт го наследив од свекрва ми и ни сама не знам колку пати ги имам правено, секогаш излегуваат фантастично.

Потребни состојки: 1 кг меко, бело брашно, 500 г маст (ако немате, може путер или половина маргарин, половина путер), 300 г мелени ореви, 250 г шеќер (во оригиналниот рецепт одат 300 г), 100 г шеќер во прав (во оригиналниот рецепт одат 150 г), 2 лимони – сок и ситно рендана кора, 2 жолчки, 1 јајце и 1 лажичка ванилин шеќер

И уште е потребно: џем по ваш избор и 30-50 г шеќер во прав со вкус на ванила. Постапка: Прво да ви напоменам дека ова е една гоолема количина, односно, излегуваат едно 150-160 парчиња, па затоа подгответе се за маратонско печење на шест полни, големи плехови, а да не го спомнувам потоа мачкањето, спојувањето и валкањето…тоа трае.. : – )

Јас затоа секогаш ги преполовувам количините (наместо 2 жолчки и едно цело јајце, ставам едно поголемо јајце), па добивам сосем солидна количина ванилици, па дури и кога станува збор за подоготовки за слави. Па нема само ванилици да јадеме : – )

Значи, вака: Маста се остава на собна температура за полесно да се измати. Останатите состојки се премеруваат и приготвуваат, а оревите се мелат. Ако немате маст може да ставите путер во истата количина. Не сум правела со маргарин, но знам дека може и со него.

Во еден поголем сад прво ставете ја маста и додадете шеќер (и кристалниот и во прав), ванилин шеќерот, жолчките и јајцето. Сето добро изматете го со миксер додека маста да стане пенаста.

Потоа додадете ги мелените ореви, сокот и ситно ренданата кора од лимон. Додадете брашно, малку по малку, па замесете мазно, цврсто тесто. Оставете го да отстои 10-тина минути на ладно.

Рерната загрејте ја на 180 степени. Голем плех од рерна обложете го со хартија за печење. Најдобро е да имате два вакви плеха, еден додека се пече вое да ги приготвувате колачите за другиот.

Приготвеното тесто поделете го на два дела за полесно да се работи со него. Првиот дел развлечете го во кора со дебелина од 6-7 мм и со тркалезна модла 2-2,5 см вадете ги колачите. Ако немате модла, совршено одговара и обично метално капаче од некое шише за вино или слично. Преостанатото тесто премесете го и продолжете со вадење на колачите додека целото тесто да се потроши.

Колачите редете ги на плехот обложен со хартија и печете ги во загреаната рерна, на 180 степени околу 15-тина минути, колку малку да заруменат од долната страна а одозгора да останат светли.

Готовите колачи вадете ги од рерна и ваднаш топли спојувајте ги со џем и валкајте ги во шеќер во прав. Ставајте повеќе џем зошто тој го дава вкусот и одберете некој покуселкаст, како на пример од сливи или од кајсии.

Како и сите други кекс-колачи, така и овие е најдобро да преноќат, па следниот ден се топат во уста. Ако дочекаат и трет ден, е тогаш се навистина уште полн погодок!