За многумина еден од омилените оброци е токму топлиот бурек, четвртина или осмина со месо или урда, послужено со чаша јогурт. Кога ќе го пробате овој бурек, ќе побарате уште парче или две, зашто нема повкусен од него. Се приготвува од домашно тесто и можете да го филувате со што сакате. Ние овојпат се одлучивме за компир. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г компир исечен на коцкички, сув зеленчуков зачин, сол и црн пипер во прав по вкус, малку масло. За тесто: 1 чаша млако млеко (200 мл), 1/2 чаша топла вода (100 мл), 1 лажица сол, 3 лажици кисело млеко (цврст јогурт), 1 мала лажичка сув квасец (5 г), 1 јајце, 4 чаши брашно (по потреба).

За премачкување: 100 мл растопен путер + 100 мл растително масло. За преливање на бурекот пред печење: 1 јајце, 3 лажици кисело млеко/јогурт, малку сол и масло

ПОСТАПКА: Компирот исечкајте го на ситни коцкички и запржете го на малку масло додека да омекне. Зачинете го по вкус и оставете го настрана да се лади. Во еден сад помешајте ги млекото и водата, додајте ги сите набројани состојки (освен брашното) и убаво изматете за да се добие еднолична течна смеса.

Потоа додајте три чаши брашно, убаво промешјте да се впие, а четвртата чаша брашно додавајте ја малку по малку. Замесете средно меко тесто, а кога ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот, полијте го со една-две лажици масло и домесете го за да се измазни.

Покријте го и оставете го на топло да ферментира половина час или колку што е потребно за да го удвои волуменот. Потоа истресете го на набрашнета работна површина и поделете го на пет еднакви делови. Покријте ги со кеса или стреч фолија, па едно по едно развлечете ги во тенки кори.

Користете брашно или скроб при отворањето на корите за да не ви се лепи тестото. Во меѓувреме растопете го путерот заедно со маслото. Врз целата површина на една од корите сипете малку од маснотијата и со четка премачкајте. Преклопете ја со втора кора, па и таа премачкјате ја.

Распоредете половина од филот и преклопете со трета кора. Премачкајте со маснотија и поклопете со четврта кора. Премачкјате со маснотија и распоредете го остатокот од филот. Преклопете ја последната кора и премачкајте ја со остатокот од маснотијата. Потоа внимателно свиткајте ролат, а потоа ролатот свиткајте го како полжав.

Веднаш префлете го во тепсија обложена со хартија и одозгора нежно притискајте го со данките за да се развлече според големината на калапот. Сипете малку масло одозгора за полесно да се развлече, па оставете ја вака да одмори 10-тина минути. Измешајте едно јајце со три лажици кисело млеко/јогурт, малку сол и масло, па со оваа течност премачкјате го бурекот одозгора.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени. Оставете малку да подизлади, превртете ја, па сечете ја и послужете ја. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.