Солените палачинки со зеленчук се многу здрави и вкусни, можат да заменат и цел оброк, па затоа се идеални за сите оние кои се на рестрикциска исхрана и се обидуваат да го намалат вишокот килограми.

рецепт 2

Спанаќот е многу хранлив и им дава посебен вкус на овие палачинки, но доколку во моментот го немате, може да го замените со некој друг зеленолистест зеленчук, па дури и со ситно сечкани зелени перца од млад кромид или лук. Постапката е лесна и некои од состојките можете да ги менувате по вкус и потреба. Ќе ви претставиме неколку варијанти:

рецепт 1

РЕЦЕПТ 1 (на Кате) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г спанаќ, 5 супени лажици овесни снегулки, 2 јајца, 1/2 главица кромид, оригано, сол, црн пипер во прав, растително масло, шери доматчиња за декорација, кисела павлака или цврст јогурт

РЕЦЕПТ 2 (на Медина) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 100 г фета сирење, 350 мл млеко, 100 мл газирана вода, 1 мала лажичка сол, 200 г брашно (обично или безглутенско), 20 мл маслиново масло, 50 г ситно сечкан спанаќ

рецепт 2

ПОСТАПКА за рецепт 1: Спанаќот исчистете го и измијте го, па кратко избланширајте го во врела вода додека да омекне. Потоа процедете го и оставете го да се олади. Заедно со јајцата, кромидот и овесните снегулки изблендирајте го додека да добиете убава кашеста, мазна смеса.

Зачинете по вкус со сол, црн пипер и оригано. Нелеплива тава загрејте на умерена температура, намастете ја со малку масло, па сипувајте од смесата и печете ги палачинките по неколку минути од двете страни.

Тестото е малку погусто од вообиченото тесто, а палачинките излегуваат подебелки, како „американските“ и не се наменети за виткање. Видеопрезентацијата на Кате погледнете ја ОВДЕ, а во продолжение следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: јајцата со кујнска жица добро изматете ги, па додајте млеко и вода. малку по малку додавајте го брашното, па ситно сечканиот (сиров) спанаќ, ситното сирење и маслото, па мешајте додека сите состојки фино да се соединат. Оставете го тестото вака да отстои 20 минути.

Потоа загрејте ја тавата намастена со малку масло и пржете ги палачинките со големина по ваша желба. Послужете ги со сирење и сезонска салата. Можете да ги полните со пилешко месо, претходно зготвено и зачинето. Филуваните палачинки потпечете ги во рерна залиени со 2 јајца и 150 мл неутрална павлака за готвење.