Утре е Прочка или Велики Поклади, празник меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден.

Проштевањето е обичај прифатен под влијание на црквата, додека гатањата, карневалите и слично се остатоци од претхристијанските предпролетните забави.

Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св.Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници.

Утре, на Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.

Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

Она што утре треба да се стави на трпезата се јајца и сирење.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение.

А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст.

Овој период од седум дена од Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела.

Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките.

Сиропустна недела – прочка – пред самиот почеток на великиот пост

Во овој ден твориме спомен на изгонувањето од рајот на првосоздадениот Адам, заради храна, како што устроија божествените свети отци, пред самиот почеток на светата Четириесетница. Бидејќи со тоа се покажува дека постот е лекарство полезно за човечката природа, додека лакомството и непослушанието се гна-сни.

Оставајќи ги безбројните примери на овие пороци во светот, светите отци укажуваат жив пример во првосоздадениот Адам кој претрпе голема штета во неговиот целосен пад кој донесе штета за нашата природа.

Тој не ја одржа првата заповед за полезниот пост којашто Господ ја даде за човештвото, туку им се покори на желбите на стомакот и на змијата, преку Ева, и не само што не стана бог, туку ја воведе см-рт-та, донесувајќи по-губа за целиот наш род.

Заради неумереноста на Адама, нашиот Господ постеше четириесет дена и беше послушен. Заради оваа причина, светите апостоли го зачнаа овој сегашен четириесетодневен пост, та како што Адам ја загуби нетру-лежноста преку неумереност, ние да можеме да ја здобиеме преку воздржание.

Она што Адам го погреши и не го достигна – обожението, тоа ние ќе го здобиеме, ридајќи и постејќи и смирувајќи се, додека Бог не нè посети, бидејќи без тие нешта е невозможно да го примиме она што сме го загубиле.