I РЕЦЕПТ – Посни парени колачи со пиво и гриз – се топат во уста, лапни-голтни / Фотографија и рецепт на Олгица Јосифоска

Рецептот за овие вкусни, сочни колачи ни го претстави нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти. Колачите се парени и посни, одлични за секаква пригода.

Потребни состојки: 250 мл пиво, 250 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 4 лажици гриз и брашно по потреба (нешто помалку од 1 кг). За шербет: 900 г шеќер, 1 литар вода и 1 кесичка ванилин шеќер

Постапка: од сите состојки се замесува меко тесто, а брашно се додава по потреба. Мене од 1 килограм брашно малку ми остана. Количината на брашно всушност зависи од видот на брашното, важно е тестото да не биде тврдо, но да се одвојува од прстите и да може да се обликува, а притоа да не го губи обликот.

Од тестото правете топчиња и ставајте ги на ренде од страната за ситно рендање, па со прстите издолжете го топчето во правец на сечилата за да се формираат „боцките”. На развлеченото тесто по желба можете да ставите ¼ јатка орев, па да го свиткате во ролничка, водејќи сметка да не се нарушат “боцките”.

Вака приготвените колачи редете ги во намастен плех или обложен со хартија за печење, без поголемо растојание помеѓу нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-тина минути, односно додека да добијат убава боја. Во меѓувреме сварете го шербетот.

За шербет: Во тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете на оган, па откако ќе зоврие варете околу 15 минути, за да се формира благ сируп.

По желба можете да додадете лимонов сок и ванилин шеќер. Топлите колачи малку подизладени се прелеваат со топол шербет. / Фотографија и рецепт на Олгица Јосифоска

II РЕЦЕПТ – Посни парени колачи со јатка орев, валкани во кокос

Рецептот за овие прекрасни посни колачи ни го претстави нашата драга Светлана Карапетровска во групата НМД рецепти. / Фотографија и рецепт на Светлана Карапетровска Македонска. Мерката е со чаши од 200 мл

Потребни состојки: 6 чаши брашно, 2 чаши масло, 1 чаша ладна вода, 2 кесички прашок за печиво, јатки орев и кокос за валкање. За шербет: 2 чаши шеќер, 2 чаши вода и 1 ванилин шеќер

Постапка: брашното се става во подлабок и се меша со прашокот за печиво. Се додаваат маслото и водата, па се замесува меко тесто кое не лепи на раце. Тестото се остава 10 минути да одмори. Потоа се кинат парчиња, се формираат топчиња со величина на орев, а во секое топче се става по една јатка орев.

Вака приготвените топчиња се редат во плех намастен со масло и се печат во претходно загреана рерна на 200 степени колку да заруменат. Се вадат и се оставаат да изладат.

Се прави шербет од 2 чаши шеќер, 2 чаши вода и 1 ванилин шеќер. Со врелиот шербет се поливаат изладените колачи внатре во плехот каде што се печеа. Се оставаат да го впијат шербетот, а потоа се валкаат во кокосово брашно. / Фотографија и рецепт на Светлана Карапетровска Македонска

III РЕЦЕПТ – ШАРЕНИ ПАРЕНИ ПОСНИ ПОЛЖАВЧИЊА: од оваа количина излегуваат 150 парчиња (птичје гнездо) / Фотографија и рецепт на Бети Манева

Потребни состојки: 3 филџанчиња гриз, 3 филџанчиња топла вода, 3 филџанчиња масло, 1 прашок за печиво, 1 коцка квасец, брашно по потреба, нешто повеќе од половина килограм.

Постапка: во брашното направете вдлабнување во кое ќе го издробите квасецот со топлата вода, ќе почекате да се активира и ќе замесете меко, мазно тесто кое не лепи на раце.

Тестото поделете го на два дела. Во едниот дел додајте 3 големи лажици какао, а по вкус можете и цимет. Во белиот не мора ништо да ставате, но може кокос и ореви. За да бидат уште помали јас ги поделив уште еднаш и добив 4 бели, 4 црни. Се развлекуваат правоаголни корички и се редат една врз друга наизменично: бело- црно; црно – бело…

Потоа се сечат парчиња и се редат во плех. Се печат во загреана рерна на 200 степени кратко време. Бидејќи излегуваат многу, не мора сите одеднаш да ги попарувате со шербет. Непопарени стојат подолго време, па по потреба можете да си сварите шербет.

За шербет: 1 кг шеќер и 1 литар вода, рендана кора од лимон и ванилин шеќер. Да зоврие и да врие уште неколку минути. Колачите ладни се попаруваат со топлиот шербет. Колачите не стасуваат, зошто додека едните се печат, другите си стасуваат. / Фотографија и рецепт на Бети Манева

IV РЕЦЕПТ – Ружички попарени со млеко, мирисаат многу убаво, се топат во уста!

Потребни состојки: 300 г брашно, 3 жолчки, малку сол, малку рендана кора, околу 100 мл млеко, 20 г квасец. За фил: 100 г путер, 100 г шеќер, 1 ванилин шеќер. За прелив: 100 мл млеко и 1 лажица шеќер

Постапка: од наведените состојки замесете тесто со активиран квасец и оставете да одмори 20 минути. Развлечете кора со дебелина од 0,5 см (околу 35х35 см), па преку целата површина премачкајте ја со фил од изматен путер со шеќер + ванилин шеќер.

Свиткајте ја кората во ролат и сечете на 4 см долги парчиња. Редете ги ружичките на намастен плех, да не се допираат. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути.

Пред крајот на печењето, ставете да проврие млеко и шеќер, па уште додека е топло прелијте преку секоја ружичка. Запечете уште малку. Ружичките се многу убави кога се топли, но исто така, превкусни се и кога ќе изладат. / Coolinarika.com