Постојат безброј рецепти за брзи колачи чија постапка е редење на кекси и крем, но во ова море некои рецепти сепак се издвојуваат. Рецептот за tutti frutti колачот е токму еден од нив – Дубравка.

Потребни состојки: 800 мл млеко, 8 лажици брашно, 8 јајца, 4 лажици шеќер, 1 ванила, 200 г путер / маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 5 лажици шеќер во прав, 500 г мали бисквити

Постапка: Одделете ги жолчките од белките. Ставете го млекото да зоврие, но претходно одземете 200 мл. За кремот ќе ви бидат потребни жолчките, а белките замрзнете ги или оставете ги во фрижидер и испланирајте да ги искористите подоцна за нешто друго.

одвојте ги во посебни садови белките од жолчките

Во жолчките додајте го шеќерот и пенасто изматете ги со миксер додека да згуснат а смесата да побели и да стане кремаста, па додајте ванила и брашно. И понатаму матете со миксер, но со помала брзина и полека додавајте го млекото (200 мл што ги одземавме).

пенасто изматете ги жолчките

Се додава во преостанатото млеко кога ќе зоврие, се намалува температурата и се меша непрекинато за да не се создадат грутки. Кога ќе згусне и ќе се свари (исто како пудинг), тргнете го на страна и оставете го да излади. Повремено промешувајте да не се создаде коричка.

Во меѓувреме, пенасто изматете го маргаринот (омекнат на собна температура) заедно со ситниот шеќер, а на страна растопете го чоколадото за да биде подготвено кога ќе треба да го додадете во кремот.

Кога филот ќе се олади, изматете го заедно со маргаринот и уште малку поматите со миксерот за да го направите кремот да биде пенлив и понежен. Најдобро е во пенасто изматениот путер да го додавате изладениот фил, лажица по лажица додека непрекинато матите.

Наредете ги бисквитите на плехот (во секој ред ставам 14 бисквити, односно 2 * 7 и така, три реда) а одозгора прелијте ги со малку варено и изладено кафе (може и секоја бисквита да ја натопувате во кафето пред да ја наредите).

Одвојте неколку лажици од филот за декорација и поделете го остатокот на два еднакви дела, едниот останува жолт, а во другиот го додаваме стопеното чоколадо. Врз бисквитите рамномерно распоредете го жолтиот фил, па повторно бисквити (натопувани во кафе), па кафеав фил, па бисквити.

На крај се премачкува со жолтиот фил што го издвоивте на почетокот. Завршете со рендано чоколадо. Колачот оставете го во фрижидер да се олади, а за тоа време бисквитите ќе омекнат а кремот ќе се стегне.

Според оригиналниот рецепт белките би требало да се изматат на пареа и да се стави снегот врз кексите, но на моите деца тоа не им се допаѓа, па затоа белките ги искористувам за нешто друго. / Дубравка / Сооlinarika.com

ВТОРА ВЕРЗИЈА НА ТУТИ ФРУТИ 

Брз, едноставен, лесен колач, на децата им е најомилен, после сите „калорични“ и „бом-бастични“ слатки, овој доаѓа како лесно освежување. пробајте го, ако не сте го пробале досега, нема да се покаете. брзо се прави, но и брзо се јаде…

Потребни состојки за подлога: 300-400 г бисквити. За жолт крем: 600 мл млеко, 4 жолчки, 5 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 5 лажици гриз, кој сака екстракт од банана неколку капки.

За розов крем: 600 мл млеко, 2 пудинзи со вкус на малина или јагода, 5 лажици шеќер, кој сака може и повеќе, неколку капки екстракт од малина – по желба.

За бел шаум крем: 4 белки (цврст снег), 9-10 лажици шеќер, 2-3 лажици сок од лимон (може и од портокал), 1 кесичка шлаг пена во прав. За декорација: рендано бело чоколадо, трошки во боја…

Постапка за приготвување на жолтиот крем: во 200 мл млеко изматете ги жолчките, шеќер, ванилин шеќер, екстракт и гриз. Во тенџере ставете 400 мл млеко и оставете да се свари. Тргнете од оган и полека мешајќи додајте ја разматената смеса со гриз и жолчки.

Вратете на оган и варете со непрекинато мешање и внимавајте да не ви се создадат грутчиња. Во соодветен калап или плех наредете ги кексите претходно натопувани во ладно млеко. Прелијте го врелиот жолт крем преку кексите, рамномерно распоредете и израмнете.

Врз жолтиот крем веднаш наредете нов ред кекси кои нема потреба да ги натопувате, затоа што со стоење сами ќе омекнат од кремите. Сега подгответе го розовиот крем на сличен начин како и претходниот, жолт крем, само што овде нема жолчки, туку се користат пудинзи.

Во сварениот розов пудинг по желба можете да додадете екстракт од малина или јагода. Врелиот крем прелијте го врз кексите, рамномерно распоредете, израмнете и оставете да се олади. Во меѓувреме цврсто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот.

Пред крајот во тенок млаз додајте го и лимоновиот сок. Кој сака, снегот од белки може да го свари на пареа. На крај, во снегот од белки се додава една шлаг пена во прав и уште еднаш заедно се микса додека да добиете фин, светол крем, смеса како за пуслици.

Премачкајте го колачот, а одозгора декорирајте со рендано бело чоколадо по желба. Оставете го колачот неколку часа во фрижидер, а најдобро преку цела ноќ Се послужува доб ро изладен. / мак63 / Сооlinarika.com