Од оваа смеса излегуват ама баш многу тулумби, преку 60 сигурно ако се големи, а ако се помали 70-80 може и повеќе парчиња. Ги пржам во две тенџериња бидејќи двојно се крати времето поминато на нозе.

Тулумби / Емилија Бечиќ

Она што е полн погодок е дека тулумбите треба да се пржат во ладно масло. Ова е стар слаткарски трик кој порано ретко кој го знаеше, па понекогаш домаќините се разочаруваат од домашните тулумби кога немаше да им излезат како оние од слаткарниците.

Кога се пржат во ладно масло, тулумбите излегуваат воздушести и меки во внатрешноста, а крцкави од надворешноста. Никогаш не прегоруваат, ниту се создава пена. Плус сами се превртуваат во пржењето.

Тулумби / Емилија Бечиќ

Можеби се троши двојно повеќе масло од вообичаено, но затоа пак, и двојно се скратува времето на подготовка. Наместо да поминете на нозе 4 часа, вака ќе поминете два часа. Плус, не се прават тулумби секој ден… – Емилија Бечиќ

Тулумби / Емилија Бечиќ

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 750 мл млеко, 150 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, една ипол мала кафена шолја шеќер, 525 г брашно и 3/4 кесичка прашок за печиво, 6 јајца, 2 литри масло. За шербет: 2 кг шеќер и 2 литри вода

ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 750 мл млеко, 150 мл масло, ванилин шеќер и една ипол мала шолја шеќер. Тенџерето ставете го на рингла и оставете да зоврие. Мешајте додека да се растопи шеќерот.

Тулумби / Емилија Бечиќ

Додека се загрева млекото, на страна измешајте 525 г брашно со три четвртини од кесичката за прашокот за печиво. Додајте го брашното во зовриената течност и брзо мешајте додека да се формира топка тесто.

Добиеното тесто се вари неколку минути додека да започне да се одвојува од ѕидовите на тенџерето. Потоа префрлете го во некој друг сад за побрзо да се олади. промешувајте го повремено.

Во оладеното тесто започнете да додавате едно по едно, вкупно шест јајца со средна величина. Кога ќе ставите едно јајце, добро измесете го тестото додека целосно да се инкорпорира во него, па дури потоа додајте го следното јајце.

Тулумби / Емилија Бечиќ

Ако тестото го миксате со миксер, тогаш за шесте јајца ќе ви бидат потребни вкуспно дваесет минути. Добиеното тесто ставете го во шприц од каде ќе ги истискувате, а со помош на ножички ќе ги сечете со големина по ваша желба.

Тулумби / Емилија Бечиќ

За оваа количина користам 2 литри масло, додека едните се пржат, другото масло се лади. Топлите тулумби се ставаат во ладен шербет, па затоа можеби најдобро е тој да се направи претходниот ден. Се оставаат во шербетот додека другата тура да се испржи.

За шербет: 2 кг шеќер и 2 литри вода ставете на оган, па од моментот на зовривање оставете да се вари 10 минути. И дополнителен совет: тулумбите пржете ги на 6, а кога ќе почнат да заруменуваат намалете на 4.