Многу вкусна, лесна и брза пита. Може да ја приготвувате за појадок или вечера, но ние често ја правиме и за ручек со порција домашно киселено кисело млеко. најчесто ја приготвуваме со сирење или урда, но може да ја филувате и со месо, со спанаќ или нешто друго. Еве пто ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (За мерење се користи чаша од 250 мл): 500 г кори за пита, 3 јајца, 1 чаша јогурт, 1 чаша масло (оставете малку по некоја лажица за премачкување на корите), 1 чаша пченкарно брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 500 г ситно сирење, сол по потреба и сусам за наросување по желба




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го пченкарното брашно и измешајте го со прашок за печиво. Во посебен сад скршете ги јајцата изматете, додајте го јогуртот и маслото, па исто така изматете ги додека да се изедначат состојките.




Започнете постепено да ги додавате течните состојки во брашното непрекинато мешајќи за да се разбиваат грутчињата. На крај треба да добиете изедначен и мазна смеса. Во посебен сад иситнете го сирењето и доколку е несолено-посолете го по ваш вкус и оставете го настрана.




Избројте ги корите и поделете ги на 3 или 4 дела, за 3 или 4 ролати или повеќе, во секое купче треба да има најмалку по 3 кори. Јас добив 3х4 кори, а вие пребројте вкупно колку имате па одлучете по колку ќе ги делите.




Земете ја првата кора, премачкајте ја со масло, ставете ја втората кора врз неа, премачкајте со филот од јајца и брашно. Најдобро е да користите силиконска-кујнска четка за најдобро да ја распоредите смесата.




Ставете ја третата кора, премачкајте со фил, исто и врз четвртата премачкајте со фил а потоа нанесете сирење (1/3 од количината). Свиткајте ги корите како ролат и ставете ги во тепсија обложена со хартија за печење.




Постапката повторете ја со преостанатите кори, но водете сметка да ви остане сирење рамномерно до крај. Приготвените ролати исечете ги на парчиња. Одозгора премачкајте со масло.




Ставете и сусам ако сакате, ленено семе, ким, семки од тиква или семки од сончоглед, црн сусам, црно семе, чиа семе или нешто по ваш избор. Многу е вкусно со сусам, но ако имате мали деца, да си знаете дека после јадење може да имате сусам на сите страни.




Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да зарумени, околу 30 минути или прилагодете го печењето според вашата рерна. Ако забележите дека пребрзо зацрвенува, одозгора покријте ја со хартија или фолија. Печената питата извадете ја од рерна, оставете ја 10-тина минути да излади, па послужете.