Тулумби на струмички начин – ем лесно, ем струмичко!

Потребни состојки:

500 гр. вода

400 гр. остро брашно

Loading...

200 гр. + 1 кг. масло за јадење

6 јајца

1 кесичка ванилин шеќер

½ кесичка прашок за печење

Сол

За шербет:

1 л. вода

1 кг. шеќер

1 кесичка ванилин шеќер

1 парче лимон

Подготовка:

Ставете ги водата, 200 гр. масло за јадење, еден ванилин шеќер и малку сол во тенџере на оган да зовријат.

Откако ќе зоврие, се тргнува тенџерето од огнот и веднаш се додава брашното во кое претходно имавме ставено половина кесичка прашок за печење.

Тоа се мати со маталки за тесто и се остава смесата да отстои додека не се олади. Откако тестото ќе се олади, повторно матиме и ги додаваме јајцата едно по едно.

Матиме додека смесата не се изедачи. Потоа го подготвуваме шербетот. Зовриваме 1 литар вода и 1 кг. шеќер, го оставаме да врие 2 минути, го тргаме од огнот и потоа ја додаваме кесичката ванилин шеќер и парчето лимон.

Во тенџере на оган ставаме да се загрее 1 кг. масло за јадење. Го полниме калапот (шприц) за толумби со приготвената смеса, и ги истиснуваме во маслото за јадење да се пржат на тивок оган.

Пржените толумби веднаш ги ставаме во шербетот, ги свалкуваме и потоа ги ставаме во поголема чинија. Постапката ја повторуваме со сите толумби.

Исто така може и најпрво да се испржат толумбите и потоа да се свалкаат една по една во жешкиот шербет.

Крајниот резултат е околу 60 парчиња вкусни толумби. Прсти да излижеш!

Добар апетит!

Loading...