Традиционални стари ситни колачи по рецептот на Слободанка Бошеска – Ристовска.

I рецепт: Црно бели штангли

Потребни состојки: 5 жолчки, 1 јајце, 6 лажици шеќер во прав, 250 г сечкани ореви, 25 г рендано чоколадо. За прелив: 5 белки, 5 лажици шеќер во прав.

Подготовка: Жолчките, јајцето и шеќерот се матат пенасто, а оревите и ренданото чоколадо се вмешуваат со дрвена лажица. Од оваа смеса на масна хартија се развлекува кора и се пече на 150 степени додека да се потсуши кората.

Од белките пак се мати снег, постепено се додава шеќерот во прав и кога ќе се добие бела и сјајна смеса се премачкува жолтиот дел што се печел, па се враќа во исклучена, но сè уште топла рерна и се остава да се исуши. После се остава тестото да се излади и со нож натопен во врела вода се сечат „штангли“ по желба.

II рецепт: Шерени штангли

Потребни состојки: 150 г путер, 2 жолчки, 70 г шеќер во прав, кора од 1 лимон, 1 лажица млеко, пола лажичка прашок за печиво, 200 г брашно. За фил: 4 белки, 200 г шеќер во прав, 150 г ореви, 1 ќесичка ванилин шеќер, сок од еден лимон, 1 лажици какао.

Подготовка: За базата се прави тесто како за ванилици и се развлекува кора на намастен плех. Потоа се премачкува со фил и се пече на тивко околу 160 степени додека да се испече одвнатре тестото околу 20 минути. Додека сè уште е топло тестото се сечат штанглици на 7×2,5 цм.

За фил: Белките се матат со миксер без шеќер, а откога ќе се формира пенаста структура постепено се додава шеќерот (лажица по лажица). Потоа се додава ванилиниот шеќер, какаото и пред крајот сокот од лимон. Оревите внимателно се вмешуваат со дрвена лажица па се премачкува тестото.

III рецепт: Марципан штангли

Потребни состојки: 1 кг шеќер, 250 мл вода, 125 г путер, 1 кг мелени бисквити, 250 г млеко во прав, 250 г мелени ореви. За глазура: 150 г чоколадо за готвење, 150 г шеќер во прав, 3 лажици какао, 125 г путер.

Подготовка: Шеќерот се вари во водата како шербет 10 – 15 минути, па додека е сè уште врел се додава путерот и се трга од оган. Потоа се додаваат млекото, оревите и бисквитите. Енергично се меша со дрвена лажица за да се хомогенизира смесата и се излева во претходно малку натопен со вода емајлиран плех па откога ќе се излади се прелива со глазура.

За глазура: Сите состојки предвидени за глазура се соединуваат на пареа, добро се промешува додека да се соедини смесата и се излива врз базата, распоредена подеднакво. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска