Ако ги сакате колачите со гриз, тогаш овој ќе ви стане еден од омилените. Се приготвува брзо и на недноставен начин, а се користат состојки кои веќе ги имате в кујна, па не мора да специјално да излегувате во набавки. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит (калап 30х20 см): 3 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г шеќер, 100 мл растително масло, 200 мл млеко, 250 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 20 г какао во прав, малку цимет + 70 мл млеко

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 750 мл млеко, 90 г гриз, 1 кесичка пудинг со вкус на лешник (40 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 80 г шеќер, 100 г путер или маргарин. За декорација: горниот дел од бисквитот исечете го и изронете го, рендано чоколадо

ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете три јајца, додајте една кесичка ванилин шеќер и 100 г гранулиран шеќер, па пенасто изматете додека шеќерот почне да се растопува. Потоа додајте 100 мл растително масло и продолжете со матење за да се инкорпорира.

Додајте го млекото и продолжете уште кратко со матење за да се изедначи смесата. Настрана, во друг подлабок сад просејте ги сите суви состојки: брашното какаото и прашокот за печиво, па додајте ги во течните.

Изматете со миксер додека да добиете хомогена, изедначена смеса без грутчиња. Сипете ја во калап, претходно обложен со хартија за печење (димензии 30х20 см). Протресете го калапот и потчукнете го за да се израмни смесата, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути.

Проверете со чепкалка кога е печен, па извадете го и густо избоцкајте го со виљушка, а потоа залијте го со 70 мл млеко. Оставете целосно да се олади и да го впие млекото. За тоа време пригответе го кремот.

Во подлабок сад сипете 90 г гриз и помешајте го со 40 г пудинг со вкусн на лешник (секако, може вкус по желба). Додајте 80 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер, па додајте 250 мл млеко и промешајте додека состојките да се растворат и да нема грутчиња.

Остатокот од млекото ставете го на оган, па кога ќе зоврие сипете го растворениот пудинг и продолжете да го варите со непрекинато матење додека да ја постигне посакуваната густина. Сварениот гриз покријте го со проѕирна фолија и оставете да се олади на собна температура.

Кога ќе се олади, додајте му 100 г омекнат путер, па заедно изматете ги со миксер додека убаво да се изедначат во мазен крем. Од оладениот бисквит отстранете го обрачот, па отсечете ја малку горната површина за да се израмни. Отстранете ја и хартијата за печење, па вратете го обрачот.

Сипете го целиот крем, рамномерно распоредете и израмнете. Изронете ги ситно парчињата од бисквитот што претходно ги отсековте и наросете ги одозгора како декорација, заедно со рендано чоколадо. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.