Црквата овој петок го празнува како „Источен петок – Балаклија”. Името дошло по тоа што на овој ден луѓето посетуваат извори (од „источник“, што значи извор) за да извршат обредно измивање.
Името „балаклија”, пак, доаѓа од тоа што на овој празник и денес се практикува да се јаде риба (од турскиот јазик, каде што „балик” значи риба). Всушност, на овој ден задолжително било да се јаде риба, но исто така, според црковните норми, на овој петок било и е дозволено да се мрси, односно не важи забраната да се пости, како што е вообичаено за петоците.
Кај народот во пределот Пијанец, овој петок е познат како „Црн петок“, а во соседниот предел Малешево го познаваат како „Беровска Богородица, бидејќи на овој ден го посетуваат изворот во близина на црквата „Света Богородица” во Берово. Имено, луѓе од околината на овој ден се упатуваат кон црквата и кон изворот за да се измијат и да наполнат вода за здравје и за лекување на болните.
Во минатото, оние што имале роднини во Берово, за оваа пригода оделе кај нив на гости, но во исто време во Црквата „Света Богородица” била организирана народна веселба co песни и co ора.
Исто така, порано, според Јеремије Павловиќ, во дворот на црквата се одржувале и натпревари во борење на пеливани. Во Пијанец на овој ден, на Црн петок, луѓето посетуваат извор меѓу селата Разловци и Тработивиште, каде што се организира општонародна веселба.
Bо минатото на овој ден се фаќало и побратимство, а побратимите се посетувале на празникот Свети Јован Крстител и на Велигден. Во Пијанец, во петокот по Велигден, наросен собор се одржувал и се одржува во Делчево.
Освен овие, исто така, собори се, одржувале и во манастирот „Света Петка“ кај селото Видовиште и во селото Оризари (Кочанско). Во близина на Свети Николе се наоѓа кладенец кој на овој ден масовно го посетувало и го посетува населението од околината, особено оние што имаат проблем со видот.
Овој извор, според истражувањата на Миленко Филиповиќ, се поврзува co српскиот крал Стефан Дечански, кој откако бил ослепен од својот татко, на необичен начин му се повратил видот.
Bо непосредна близина на кладенецот постои црква која е именувана „Свети Стефан”, па затоа,како што наведува Зоранчо Малинов, и петокот по Велигден кај населението често се среќава под името „Свети Стеф или „Свети Стеван”. Во селата од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора овој петок по Велигден е познат no името „Богородица балаклија“, односно „Рибја Богородица”.
Во пределот Славиште, на „Светли петок” има народна прослава во манастирот “Свети Јоаким Осоговски“.
Етнолозите сметаат дека во некои предели под поимот „Црн петок“ не се подразбирал само петокот по Велигден, туку и петокот пред Ѓурѓовден. Овие петоци понекогаш датумски се совпаѓале.