Цеден сок за имунитет од цвекло, морков, лимон, јаболка и мед – и вкусно и многу здраво

Честопати за нашето здравје започнуваме да се грижиме дури кога тоа ќе се наруши или кога ќе го изгубиме, а тогаш најчесто е доцна.

Затоа, од особена важност е секогаш да го одржуваме нашиот имунитет на високо ниво, да биде доволно силен и моќен за да може да се одбрани од нападите на вирусите и бактериите.

Одржувањето на имунитетот треба да биде наша секојдневна обврска, особено во периоди на вирози, грипови и епидемии. Телото треба да биде добро хидрирано, а во организмот да внесуваме избалансирана исхрана која ќе му ги обезбеди сите потребни витамини и минерали за нормално функционирање на сите системи.

Денес многумина во своите домови имаат блендери и соковници, па внесувањето на свежи коктели, сокови и смутиња е многу олеснато за разлика од порано. Едноставно одберете комбинација од вашите омилени плодови и исцедете сок или направете смути.

Засладете го со мед, додадете разни семки и неколку капки ладно цедено масло, куркума, ѓумбир…Па дури и да немате една ваква алатка како што се блендерот и соковникот, лесно можете да си приготвите еден витамински сок кој ќе ви го зајакне имунитетот.

Рецепт и фото на Светлана Нешковиќ: Цеден сок за имунитет.

Потребни состојки:

1 кг цвекло
1 кг морков
1 кг лимон
1 кг јаболка
2 литри вода
500 г мед или повеќе, по вкус

Постапка:

Цвеклото, морковот и јаболкото измијте ги добро, исчистете ги и изрендајте ги. Добро изгмечете ги со рацете и прелијте ги со вода. Поклопете и садот оставете го 24 часа.

Следниот ден процедете ја смесата низ газа и добро истискајте. Додадете цеден сок од лимон и мед, па добро промешајте за да се растопи.

Вака приготвениот сок складирајте го во шишиња и чувајте го на ладно. Секое утро се пие по 100 мл на гладно. Многу е здраво. По желба кој сака во сокот може да додаде и свеж ѓумбир.

Остатокот не го фрлајте, може од него да сварите џем или пак салата: додадете јаболкова киселина, маслиново масло и сол, па складирајте го во тегла.

Истите состојки и истата постапка, само ако додадете и 1 кг рендан корен од целер, добивате одличен напиток кој може да ви помогне да го намалите холестеролот доколку ви е покачен.

Фото и рецепт: Светлана Нешковиќ

Loading...