Ова е толку многу добро, најпрво за око, а потоа кога ќе го вкусите компотот… нешто феноменално и неодоливо. Одлична комбинација од овошје и нане – вистински егзотик! Направете си го веднаш и воодушевете ги вашите најмили.

Потребни состојки: 3 кг потврди кајсии, 2 поголеми јаболка, 1,5 кг праски (исто така потврди), 1 кг нектарини, 2 поголеми портокали (измиени со сода бикарбона), 3 лимони, свежо нане, шеќер и вода

Постапка: овошјето добро измијте го  и исечкајте по желба: на коцки, „фелки“, тркалца…Кајсиите преполовете ги и исчистете ги од семките. Истото направете го и со праските.

Јаболката можете да ги исечете на коцки, па испрскајте ги со лимонов сок за да не ја променат бојата. Портокалите исечете ги на тркалца и отстранете ги евентуалните семки. На тркалца исечете ги и лимоните.

Потоа редете ги парчињата овошје (без некој посебен редослед, по желба) во претходно стерилизирани  тегли (во рерна на 100 степени), а во секоја тегла додајте две лажици кристал шеќер и прелијте со ладна вода.

Повторувајте го процесот додека има материјал. Потоа убаво затворените тегли ставете ги во рерна на 90 степени, 90 минути. Потоа исклучете ја рерната, а теглите оставете ги да се оладат во неа.

Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт кој е доста стар и проверен повеќепати, а компотот од разно овошје излегува превкусен.

Рецепт за компот од разно овошје без конзерванси! Вака ме научи сосетката и рецептот нема утка! Овој рецепт ми го покажа сосетката Боса, па нејзиниот рецепт го применувам веќе со години, користам разно овошје и досега немало промашување.

Потребни состојки: 1 кг овошје по избор (кајсии, праски, дуњи, круши, сливи, вишни), 1 литар вода, ½ кесичка лимонтус, 4-5 лажици шеќер (може уште 1-2 лажици ако сакате послатко)

Постапка: прво пригответе ги теглите. Капаците мора да бидат „здрави”, односно да немаат гребаници, ‘рѓа, деформации и слично. Измијте ги убаво теглите, наполнете ги со малку вода, затворете ги со капакот па превртете ја теглата наопаку за да проверите дали добро дихтува.

Доколку не истекува вода од теглата, тогаш истата можете да ја користите за приготвување на компот. Истурете ја таа вода и оставете ги теглите да се исцедат додека вие го приготвувате овошјето.

Овошјето треба да биде здраво и зрело. Исчистете го убаво од семки, доколку има некои точки исечете ги и отстранете ги. Кајсиите исечете ги на половинки, праските исто или на поситни парчиња, дуњите на коцки, крушите можете да ги пресечете на четвртинки или како сакате.

Во еден литар вода растворете го лимонтусот и шеќерот, а додколку сакате посладок компот, додајте уште 1-2 лажици шеќер или по вкус. Но вака мислам дека е доволно.

Редете го овошјето во теглите, прелијте ги со растворот и затворете ги. Повторно теглата превртете ја горе-долу за да проверите дали тече и никако не започнувајте со варењето додека не ја замените теглата ако не е во ред.

На дното од длабок лонец/широко тенџере ставете некоја крпа, наредете ги теглите и помеѓу нив ставајте крпи за да не се удираат при варењето. Налијте вода до самиот врв или малку преку теглите ако не се сите со иста висина.

Вклучете ја ринглата и кога ќе започне да врие, варете најмногу пет минути, а потоа исклучете и оставете ги теглите така во водата да отстојат додека водата целосно да излади, најдобро до следниот ден.

Потоа наредете ги си теглите на местото каде си ја чувате зимницата. Вака приготвениот компот трае цела зима, а може и подолго, зависи од вас и вашите домашни.

Јас имам две тегли компот од дуњи од минатата година и не се расипани, како вчера да сум ги правела. Од 1 кг кајсии мерени со семки, ми излегуваат три помали и една поголема тегла.