ТРИМИР значи тридневен пост во нејадење и непиење ништо.
Во целиот тримирски чин, особено се респектирани оние кои “држеле” Тримир Бидејќи по Прочка почнуваат Велигденските пости, адет е три дена по Прочка да не се јаде, ниту вода да се пие.
Тој што тоа ќе го издржи тоа, се смета благословен во текот на целата година. А, во средата на Литургијата на предходно осветените дарови оние кои држеле Тримир се причестуваат.
Кој што „држи Тримир“ му доаѓаат канети гости и нему му се носат подароци, боза, портокали од овошје и благи посни десерти.
Овие јадења се подготвуваат на Тримир: посно гравче, сарма посна од зелка со големина на лешник, кравајче, погача, на трпезата треба да има овошје, голем број на благи десерти, компоти од овошје, зелници од спанаќ, со фил од кромид и печурки, боза…
Но, најважно што се нуди е пченица подготвена од конопни зрна што е адет и специјалитет за тримири, а карактеристично е тоа што течноста во пченицата е бела како млеко.
Се подготвува така што од вечер се вари пченицата, а конопните зрна се оставаат да киснат во вода.
Утрото потоа пченицата се мели. Во конопните зрна се става топла вода, се исцедува течноста да биде бела и заедно се мешаат и пченицата и конопните зрна.
Овој рецепт ни го испрати нашиот читател Благоја Јошевски кој ја посети нашата продавница за здрава храна и не почести со неговиот вкусен и многу здрав рецепт!
Традиционално се приготвува во Крушево и околината, а се користи како лековит оброк за прочистување и одмор на телото. Господинот Јошевски редовно го приготвува и често се наоѓа на неговата трпеза за што сведочи и неговата виталност и здрав изглед.
Изобилува со диетални влакна, многу минерали и витамини, одличен е за коските и за ревитализација на целиот организам. Лесно се дигестира и претставува совршено здрав оброк за сите возрасти!
Потребни состојки:
1 кр пченица интегрална
400 г зрна од коноп
10 литри вода
Малку сол
Постапка:
Пченицата се чисти, се мие па се остава малку да се потсуши. Потоа се толчи во аван за да се искрши убаво зрното. Одново се остава да се суши.
Потоа се вари со доволна количина вода додека да омекне зрното. Пред самиот крај, му се додава млекото приготвено од конопни зрна.
Млеко од конопни зрна:
Додека пченицата се вари, се приготвува „млекото од конопни зрна“. Прво зрната се толчат во аван покриен со газа за да не летаат зрната. Истолчениот коноп се вари во вода. Потоа се процедува и се додава во веќе сварената пченица. Огнот се намалува а смесата постојано се меша додека се додава „млекото“ за да не загори.
Варењето продолжува со постојано мешање додека целата смеса да згусне. Пред крајот се додава малку сол.
Се консумира на овој начин наместо појадок, ручек или вечера. Според желба може да го засладите со малку шеќер или мед а може да се додадат и малку сечкани јаткасти плодови.
А ова е рецептот кој Благоја честопати си го приготвува и подеднакво е вкусен како Тримирската пченица.
Потребни состојки:
500 г пченица (малку подизлушена која лесно се вари)
150 г лупени, непечени семки од сончеглед (за приготвување на растителното млеко, или било кој друг јаткаст плод)
5-6 литри вода
Малку сол
ПОСТАПКА:
Пченицата се чисти и се мие пред да се свари. Се става на оган да се вари во соодветна количина вода. Кога ќе биде омекната пченицата се додава млекото од сончогледови семки. (по желба можете да приготвите млеко од било кој друг јаткаст плод).
Пред да се додаде млекото малку се блендира пченицата.
Постапка за приготвување на млеко од сончогледови семки:
Во соодветен сад се става 500 мл вода и 150 г лупени семки од сончоглед. Сето ова се блендира во рачен блендер (или обичен) додека семките да се иситнат убаво.
Слично како кај Тримирската пченица, блендираната пченица и „млекото“ се доваруваат заедно со постојано мешање (околу 10 минути), додека смесата да згусне.
Со додавање на малку топла вода можете да ја регулирате густината. На крајот се додава сосем малку сол.
Кога пченицата ќе излади, се чува во фрижидер.
Добар апетит и бидете здрави!