Овој старински колач ќе ве воодушеви не само со едноставноста на приготвувањето, туку и со својот неодолив вкус. Потребните состојки веројатно веќе ги имате во кујна, па пробајте го овој колач. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 7 супени лажици шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 16 супени лажици брашно, 12 г прашок за печиво (една кесичка) и 10 супени лажици мелени ореви, За крем: 800 мл млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 7 супени лажици шеќер, 2 супени лажици брашно, 200 г путер, 80 г чоколадо и мелени ореви за наросување.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад за матење скршете три јајца и додајте 7 супени лажици шеќер. Изматете ги со миксерот додека шеќерот да се растопи и смесата да се згусне и осветли. Потребно е да миксате околу 5-10 минути додека да добиете кремаста светла смеса.




Во смесата од изматени јајца додајте 100 мл млеко и продолжете со матење, па во тенок млаз додајте и 100 мл масло за готвење. Матете уште 2-3 минути, а потоа во течните состојки додајте ги сувите: 16 супени лажици брашно и 12 г прашок за печиво (најдобро е да ги просеете низ сито за да биде колачот помек).




Во смесата додајте и десет лажици мелени или ситно сечкани ореви. Повеќе не ви е потребен миксерот, а состојките измешајте ги со жица-маталка додека да се изедначат и да добиете хомогена смеса. Подгответе плех од рерна со димензии 30х40 см и обложете го со хартија за печење.




Излејте ја приготвената смеса во плехот, рамномерно распоредете ја и израмнете. Доколку е потребно протресете го плехот за да се изедначи израмнувањето. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути (проверете со чепкалка, ако излезе сува, значи дека е печено).




Додека се пече кората, пригответе го филот. Во тенџере на рингла ставете 800 мл млеко и додајте две кесички пудинг со вкус на ванила. Засладете со седум лажици шеќер или по вкус. Потоа додајте две полни супени лажици брашно кои ќе придонесат за подобро згуснување на кремот.




Промешајте ја смесата со жица-маталка и загревајте на умерен оган. Мешајте непрекинато за да не се создадат грутки, сè додека да се свари кремот и да згусне. Додека сè уште е топол кремот во него додајте 200 г путер или маргарин исечен на коцки и мешајте додека да се растопи.

 




Кога и путерот ќе се инкорпорира во кремот, додајте 80 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте уште малку, додека да се растопи и изедначи со кремот. Сварениот крем оставете го да се олади половина час со повремено промешување за да не фати кора (или покријте го со стреч фолија).




Печената кора извадете ја од плехот и оставете малку да подизлади, а потоа пресечете ја на два еднакви дела, така што ќе добиете две помали кори. Поставете една кора врз десертна чинија или подлога за сервирање (ако сакате корите да ви бидат посочни, тогаш натопете ги со малку млеко).




Врз кората нанесете половина од приготвениот фил и рамномерно распоредете го, па израмнете ја површината. Поставете ја втората кора, малку притиснете со дланките, нежно, колку да се залепи за филот, па одозгора распоредете ја втората половина од преостанатиот фил. Одозгора наросете мелени или ситно сечкани ореви, па оставете ја тортата во фрижидер најмалку два часа пред послужување.