Рецепт и фотографии на Неда. Тоа е вистинска “тешка” оревова торта, збогатена со вкус на карамелизиран шеќер и многу чоколадо. Одлична за секакви свечени пригоди, родендени, прослави.. А еве го и рецептот.

Потребни состојки за кора: 12 белки, 12 лажици шеќер, 4 лажици остро брашно, 300 г мелени ореви. За прво премачкување: 120 г шеќер, 50 г путер или маргарин. За второ премачкување: 120 г чоколадо, 120 г путер или маргарин. За фил: 12 жолчки, 8 лажици шеќер, 100 мл млеко, 2 кесички ванилин шеќер, 250 г путер или маргарин.

Постапка за приготвување на корите: Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови (претходно јајцата нека отстојат малку на собна температура). Белките пенасто изматете ги со електричен миксер, па кога ќе згуснат започнете постепено да го додавате шеќерот, малку по малку, додека постојано матите.

На крај треба да добиете цврст и густ, сјаен снег од белки. Додадете го брашното и мелените ореви, но овојпат оставете го миксерот и мешајте полека со жица или шпатула со превртување од долу кон горе за да се промешаат состојките и да се изедначи смесата.

Оваа смеса од 12 белки можете одеднаш да ја направите и да ја испечете во големиот плех од рерна (а потоа да ја исечете) или да ја поделите на три делови за три кори и да ја печете во помал калап. Или пак, можете посебно да ги матите состојките за секоја кора поединечно ако се одлучите за помал плех.

Во тој случај, за една кора ќе ви бидат потребни: 4 белки, 4 лажици шеќер, 1 лажица остро брашно и 100 г мелени ореви. Ако се одлучите како мене да печете една кора во големиот плех, истиот претходно намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.

Можете и да го обложите со хартија во печење. Приготвената смеса рамномерно распоредете ја врз целата површина на плехот и израмнете, па ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути, во зависност од рерната.

Кога ќе се испече кората извадете ја и оставете ја да се олади, а потоа исечете ја на три еднакви делови (да добиете три кори). За прво премачкување: Во едно тенџерче ставете го шеќерот и загревајте го на умерено загреана рингла.

Кога ќе започне да се топи и кога ќе пожолти и добие карамел боја (не го мешајте, само протресувајте го тенџерчето), тогаш додадете во него путер и мешајте кратко додека да добиете убава карамел смеса. Со оваа врела карамел-смеса во тенок слој премачкјате ги корите.

Дури и не мора целата количина да ја потрошите. Слојот не смее да биде дебел, бидејќи нема да можат да се сечат убави парчиња торта. Значи, само тенко премачкјате ги преку површината.

Бидејќи овој карамел многу брзо се стегнува, штом се создаде тврд слој на површината јас веднаш го избоцкав со н-ож за малку да распука таа кора од карамел, а се со цел, подобро да ми се сече тортата.

За второ премачкување: Во помало тенџерче или некој сад растопете ги чоколадото и путерот на пареа или во микробранова печка, па кога малку глазурата ќе се подизлади, премачкајте ја врз сите три кори, преку слојот од карамел. Оставете целосно да се олади и да се стегне.

За фил: Изматете ги жолчките со шеќерот додека тој да се растопи и да се добие светол и густ крем. Потоа ставете ги на пареа и со постепено додавање на млекото сварете ги со постојано мешање додека кремот да се згусне.

Кога кремот од жолчки ќе згусне како пудинг, тргнете го на страна и оставете го да излади со повремено промешување за да не фати коричка (или покријте го со проѕирна фолија). Путерот оставете го да омекне на собна температура, па пенасто изматете го со електричен миксер.

Потоа малку по малку додавајте во него од целосно изладениот крем и матете непрекинато со миксерот додека да се соединат во мазен и нежен крем. Со кремот премачкајте ги сите три кори, а го има во доволна количина, па со него може да се премачка и целата торта одозгора и од страните.

Значи ги редите корите, ги филувате и така до крај. Тортата можете да ја украсите по желба и можности. Јас не го потрошив целиот карамел за премачкување на корите (ми беше страв дека ако е дебел потешко ќе се сечат корите), па го истресов на чинија и кога се стврдна со сомлев во грилаж, па со него ја наросив целата торта одозгора и на тој начин ја декорирав. Тортата излезе многу убава и многу вкусна / Coolinarika.com