Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти: Торта за 10 минути.

Тортата се приготвува навистина брзо, бидејќи нема потреба од печење на кори. Доволно е да купите вкусни пишкоти или некои кекси по ваш избор. Во филот се додаваат 3 лажици нутела или друг лешников крем кој му дава посебен вкус.

Потребни состојки: 250 мл млеко, 1 супена лажица какао, 20 г чоколадо, 500 мл слатка павлака, 250 г маскарпоне, 100 г шеќер во прав, 3 супени лажици нутела, 400 г пишкоти или други кекси по вкус и какао за наросување

Постапка: Во едно тенџере ставете 250 мл млеко да се загрее. Додадете 1 супена лажица какао и промешајте за да се раствори. Кога ќе се загрее млекото додадете 20 г чоколадо за готвење искршено на коцки. Чоколадното млеко тргнете го на страна.

Посебно изматете 500 мл слатка павлака околу 3 минути и додадете 250 г маскарпоне или друг вид крем сирење по вкус. Во смесата додадете и 100 г шеќер во прав, како и три полни лажици нутела. Изматете со миксер додека да се соедини, околу 2 минути.

Пишкотите кратко натопувајте ги во млакото чоколадно млеко и редете ги во калапот за торта или плех со средна величина. За првиот слој се потребни 18 пишкоти (три слоја х 18 пишкоти, вкупно 54).

Нанесете една третина од кремот и рамномерно израмнете. Наредете втор слој пишкоти, исто така кратко натопувајќи ги во чоколадното млеко, а врз нив нанесете ја втората третина од филот. Израмнете и нанесете трет слој пишкоти и завршете со остатокот од филот.

Целата торта премачкајте ја а одозгора наросете какао во прав. Оставете во фрижидер да излади најмалку 12 часа, а потоа пресечете и послужете. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: