Оваа торта е позната под повеќе имиња, а јас ја знам како „ТОРТА 369“ поради вителот кој се формира од редењето на бананите. Може сте ја слушнале или запишале како „банана ролат“, „банана торта“, „кралица торта“ или под некое друго име, но навистина не е важно, бидејќи вкусот на оваа торта е неодолив.

„Прекрасна, лесна торта идеална за овие летни денови. Ако ја правите за помал калап, тогаш пресечете ја на подебели парчиња, јас ја направив во калап со дијаметар од 26 см,“ вели Јелена од каналот „Креативна домаќинка.“ Еве што ви е потребно, а во продолжение детално прочитајте ги инструкциите:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАН: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 1 прашок за печиво. ЗА ФИЛОТ Е ПОТРЕБНО: 1 литар млеко, 7 лажици шеќер, 2 пудинзи од ванила, 1 ванилин шеќер, 1 жолчка од јајце, 7 лажици брашно, 250 г маргарин, 400 мл слатка павлака, 2-3 банани и џем за премачкување.

ПОСТАПКА ЗА ПАНДИШПАНОТ: Подгответе си еден подлабок сад и миксер. Во садот скршете ги јајцата кои не треба да се одделуваат на белки и жолчки. Започнете да матите со миксерот, почнувајќи од првата брзина, со постепено зголемување. Јајцата треба да добијат пенаста конзистентност.

Етапно додавајте го шеќерот, лажица по лажица, додека да се растопи во пенастата структура. Додајте и 6 лажици брашно и 1 прашок за печиво, па сѐ соединете во еднолична смеса со нежно превртување со шпатулата или со лесно придвижување на миксерот.

Вака подготвената смеса излејте ја во правоаголен калап (со стандардна големина) и обложен со хартија за печење. Лесно израмнете со лажица или шпатула додека смесата да се изедначи низ целиот плех. Смесата не се развлекува до краевите на калапот затоа што ќе биде многу тенка.

Печете во загреана рерна на 180 степени, 10 минути. Кога пандишпанот ќе порумени, извадете од рерна и почекајте да се олади на хартијата за печење, а под неа ставете влажна крпа. Кога малку ќе се олади, со помош на хартијата и крпата завиткајте ја во ролат. Завиткајте и оставете целосно да се олади додека го подготвувате филот.

ЗА ФИЛОТ: 700 или 800 мл млеко ставете на рингла да зоврие со 7 лажици шеќер и 1 ванилин шеќер. Повремено промешувајте, а во преостанатото млеко измешајте ги пудинзите, жолчката и брашното. Кога млекото ќе зоврие, постепено додајте ја смесата со пудинзи.

Гответе додека да ја добиете потребната густина. Потоа, тргнете го пудингот настрана и оставете целосно да се олади. За да го изладите пудингот побрзо, ставете го садот со пудинг врз тенџере со ладна вода и коцки мраз. Изматете го маргаринот пенасто, а одделно изматете ја и слатката павлака.

Кога пудингот ќе се олади соединете го со изматениот маргарин кој треба да се додава постепено, а потоа соединете со 2 лажици од изматениот снег од слатка павлака. Белиот пандишпан отворете го, па премачкајте го со тенок слој џем по ваш вкус. Повторно завиткајте го во ролат и исечете го на помали ролатчиња.

Вака подготвените ролати се редат „легнати“ во кружен калап како основа, а неколку се редат исправени по висина на обрачот во еден ред. На средина се излева половина од филот и рамномерно се распоредува. Страничните ролатчиња служат како обрач.

На средина од филот наредете 2-3 цели банани, па покријте со преостаната половина од филот. Израмнете, па декорирајте со изматениот бел снег од слатка павлака. Тортата мора да се стегне пред послужување, а деталите од подготовката погледнете ги ОВДЕ.