Не можев да си поверувам на вкусот на овој колач, рецептот го најдов на интернет и да знаете дека не се покајав во него. Кога се ставив на диета, мислев дека нема да јадам благо, но не можев да одолеам, па го најдов овој колач кој содржи малку шеќер.




Јас од него не се дебелеам, бидејќи го јадам умерено, и си дозволувам по едно мало парче колку да се заситам. Утре ќе им правам на домашните пак, а јас ќе јадам наредниот пат кога повторно ќе го правам. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г неутрална павлака за готвење, 70 мл кондензирано млеко, 1 мала лажица какао, 80 г чоколадо, 100 г чоколадни наполитанки, неколку лешници и уште малку растопено чоколадо за декорирање (опционално).




ПОСТАПКА: Рецептот за кондензирано млеко може да го прочитате ОВДЕ. Неутралната павлака која треба да има најмалку 33% масленост се мати во цврст шлаг со миксер. Започнете да матите исклучиво во еден правец, почнувајќи од најслабата брзина и постепено зголемувајте ја.




Во шлагот додајте го кондензираното млеко кое претходно сте го направиле и оладиле. Во смесата додајте 1 мала лажичка какао и настрана растопете 80 г чоколадо на пареа. Состојките соединете ги, а потоа смесата поделете ја на три еднакви делови.




Во еден сад каде што ќе ја филувате тортата поставете на дното проѕирна фолија, добро прилепете ја за страните и на дното и оставете вишок однадвор за да ја покриете целата откога ќе ја подготвите.




Премачкајте со првиот дел од кремот, наредете 1 ред чоколадни наполитанки кои може да ги сечете согласно големината на садот, потоа доаѓа вториот крем, па наполитанки и на крајот се завршува со третиот дел од чоколадниот крем.




Колачот завиткајте го во проѕирната фолија и ставете да се стегне во фрижидер најмалку 2 часа. По изминатото време префрлете го на чинија и извадете ја проѕирната фолија. Декорирајте со топено чоколадо и ситно сечкани лешници по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.