Алармантно: Децата ни се затруени како да работат во индустрија за олово!

Од ланското тестирање на Медицинскиот факултет во Скопје:

На Медицинскиот факултет редовно се врши експеримент со кој студентите  научуваат да прават разлика помеѓу пушачи и непушачи според нивото на токсини во плунката.

Но, оваа година резултатите биле шоканти, за што говори проф. д-р Бети Дејанова –  раководител на Институт за физиологија. 

Таа на вонредната седница апелираше за презмање итни мерки поради алармантните резултати од нејзиниот експериментот.

На оваа седница два часа дискутираа советниците во општина Центар, со една точка на дневниот ред – загадувањето на воздухот. 

Од 360stepeni.mk

“Прв пат се случува после 30-годишно работно искуство, случајно во лабораторијата каде што испитуваме интоксикација на лица, да добиеме 90 отсто од студентите дека се интоксицирани со цијаниди, односно роданиди во плунка. 

Ова не се случило последниве 30 години и можам да кажам за мене е ова алармантно. 

Сите се студенти од Скопје значи тука живеат и можам да ви донесам слики, бидејќи ги сликав сите епрувети и не ми се верува – како да работат во индустрија со олово. 

Сите добија такви вредности“, рече на седницата Бети Дејанова – советничка од ДОМ во општина Центар.

„Ние децении наназад го работиме овој експеримент и сакаме да им докажеме на студентите дека постои разлика во излачени роданиди кај пушачи и непушачи и правиме разлика кај студентите. 

Меѓутоа, оваа година забележавме некоја невообичаена појава кадешто не можевме да одредиме кој е пушач, а кој е непушач од примероците на плунка што ги имавме.“, појаснува проф. д-р Бети Дејанова –  раководителка на Институт за физиологија.

Роданидот го лачи човечкиот организам за да ги претвори токсичните супстанци во нетоксични, кои на крај ги обработува црниот дроб. 

Методот за тестирање што го користат на Медицинскиот факултет е стар, а интоксикацијата на организмот се мери со интензитет на боја. 

Професорката денеска го повторила испитувањето, но со десетина вработени на Институтот, оти студентите се во испитна сесија. 

Пред камерата, лаборантите тестираа и нејзин примерок од плунка, а таа е непушач.

„Имаме плунка, примерок и тоа филтрирана претходно, во којашто се додава неколку капки на 0,2 процентна хлороводородна киселина, се промешува и потоа се додава петнаесетина капки од железен хлорид и се следи обојувањето, дали ќе се создаде црвеникава боја, којашто укажува на фактот дека постојат роданиди во плунката и овој примерок како останатите укажува дека роданидот е присутен во плунката којшто е причинет од присутниот цијанид во организмот, којшто навлегува на различни начини и со тоа докажуваме дека екскреционата улога на плунката ја има во себе со тоа што она што се добива е соединение кое не е токсично, меѓутоа укажува на фактот дека постои некоја интоксикација на организмот.“, објаснува Дејанова додека течеше експериментот.

Ништо поразлични не се и резултатите за останатите вработени на Институтот.

„За жал, овде гледаме кај непушачи дека се јавува интензитет во обојувањето, во црвена боја, така што веќе не можеме да кажеме кој е пушач, а кој не е пушач.“ појаснува Дејанова.

Вака треба да изгледа примерок на непушач. 

Ова е единствената вработена во лабараторијата за која изутрината биле добиени нормални резултати. Таа, викендов, воопшто не престојувала на отворено. 

Д-р Дејанова објасни што го труе организмот со цијаниди.

„Како извори за овие токсични супстанци, производството, металургијата, согорувањето на горивата од автомобилите, понатаму согорувањето на одредени биомаси, комунален отпад итн. 

Повеќе фактори се причинители за присуството, со оглед на тоа што аерозагадувањето е во последниот период поинтензивно, ни даде за размислување дали евентуално би можело да биде ова причина токму од околината, односно од животната средина, која што сите сме свесни дека е загадена.“

Таа посочува дека организмот, иако е оспособен, не може бесконечно да се бори со отровите.

„Црниот дроб не е кај сите ист, и тој има одредена моќ и капацитет така да зависи колку е моќта на организмот да се справи со интоксикацијата и колку долго може да се справи. 

Затоа што капацитетот не е неограничен. Компензаторните механизми не можат во недоглед да бидат вистински физиолошки механизми. 

Цијанидите делуваат на респираторниот систем, на гастро-интестиналниот систем, на крвта, на мозокот значи на невролошкото ткиво и остава одредени последици.“, вели Дејанова.

Овој показател засега останува само на нивото на индикација од практична вежба за студентите на Медицинскиот факултет. 

Професорката Дејанова очекува од надлежните институции да направат опсежно истражување и да ги проверат точните причини за резултатите што таа ги добива при експериментите во последниот период. 

Во меѓувреме, во речиси сите делови од Македонија воздухот синоќа беше енормно загаден, а Скопје изутрина повторно се искачи на светскиот врв според загаденоста. Уште колку ќе можеме да го издржиме ова темпо?

360stepeni.mk 

Loading...