Рецепт и видео презентација на Алмира од “Готви и печи” – Тартар сос – најдобриот рецепт, готов за 5 минути. Потребни ви се само неколку состојки, но доколку истите добро се искомбинираат во правилни соодноси, ќе добиете совршен вкус на кој нема да можете да му одолеете, пишува НМД.мк

Тартар сосот е еден од најбараните сосови. Се користи во многу комбинации, но убедливо најубав вкус му дава на прженото и похуваното пилешко месо. Количините за тартар сосот може да се зголемат за да си имате и за следниот ден, ако остане.

Овој сос е многу повкусен од купечкиот, пред сè затоа што има побогати состојки, домашно е приготвен и секогаш можете да додадете или одземете некои од состојките. Тоа е базата, мајонез, кисели краставички и копар, а сè останато можете да прилагодувате по сопствен вкус.

Тартар сосот има француско потекло и најчесто се користи како додаток морски плодови како што се школки, рибни ќебапи, рибни сендвичи и слично. неретко се користи и како прилог на бифтек, кој во комбинација со сосот се нарекува “тартарски бифтек”, пишува НМД.мк

За да го приготвите овој превкусен сос, ќе ви бидат потребни следните состојки: 200 г мајонез, 2 големи лажици павлака колку може помасна користете (со повисок % млечни масти), 5 кисели краставички, 2 чешниња лук, 1 лажица магдонос, 1 лажица копар, 1 лажичка сенф, сол, црн пипер.

Постапка: Краставичките изрендајте ги на најситниот дел од рендето, а потоа исцедете ги добро од сокот. Копарот искинете го од гранчињата, бидејќи потребен ви е само зелениот дел, а потоа исечкајте го ситно со нож.

Во еден длабок сад додадете ги мајонезот, павлаката, сенфот, ренданите краставички убаво истискани, сечканиот копар и магдонос. Јас користам замрзнат магдонос претходно ситно исечкан, а вие ако имате ставете свеж.

Потоа додадете ситно исечканото лукче (ако немате преса за лук, може да го истолчите) и зачинете со сол и црн пипер по вкус. Убаво промешајте околу 1-2 минути додека сите состојки да се соединат. Вкусете и по потреба додадете уште малку сол или некој од зачините.

Преубаво мириса и ќе ве мами да го пробате уште додека го мешате сосот. Готовиот сос префрлете го во некој стаклен сад за послужување, по можност со капак и чувајте го во фрижидер. Можете да го користите во следните два-три дена. Поради мајонезот нема подолг рок.

Но, секако, сосот е толку многу вкусен, што брзо ќе се изеде уште првиот ден, особено ако за главен оброк имате нешто похувано.

Совршено одзговара и со пирошки, похуван кашкавал, пилешки прсти… Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, пишува НМД.мк