Во голем број рецепти можете да сретнете состојка наречена „цврст јогурт“, а која има конзистенција на кисела павлака, но сепак малку се разликува. На сите ни е познато како се закиселува кисело млеко, па дури и кисела павлака, но овојпат Селим од Турција ни откри како да направиме цврст јогурт кој можете да го сечете со нож.

Како што тој вели, оваа тајна ја знаат само малкумина и најчесто ја користат производителите на млечни производи. А, сега ја знаеме и ние. Еве што ви е потребно за да приготвите јогурт како камен, а тоа се само три состојки: 2 литри полномасно млеко (најдобро домашно), 2 супени лажици скроб/нишесте/густин и 2 супени лажици кисела павлака (или цврст јогурт како маја)

ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете две литри млеко кое е најдобро да биде домашно, односно полномасно (кога го купувате внимавајте да има што повисок процент на млечни масти).




Во посебен сад ставете две полни супени лажици скроб/нишесте и додајте две кутлачи ладно млеко (одземете од оние две литри). Добро измешајте го скробот додека да се раствори и да нема грутчиња, па додајте го во тенџерето со млеко.

Измешајте го млекото и ставете го на рингла да се загрева на умерена температура. Млекото мора постојано да се меша зошто многу лесно може да се нафати талог на дното и да загори. Имајте во предвид дека скробот дополнително малку ќе ја зголеми густината на млекото.

Затоа, непрекинато мешајте го додека да зоврие. Ќе забележите дека ќе започне да струи и да се подига исто како кога се вари млеко, но со енергично мешање пената набрзо ќе се спушти и нема да претече.

Свареното млеко тргнете го од огнот и оставете го настрана да се лади со повремено промешување. потребно е да се излади до 40-50 степени (да биде топло, но да не е жешко, но ниту млако). Најдобро е да користите термометар за храна, но доколку немате, проверете на кожа.

Во посебен сад ставете две супени лажици кисела павлака или цврст јогурт, па додајте две кутлачи од топлото млеко и добро растворете ја павлаката/јогуртот, а потоа вратете ја во тенџерето. Промешајте за да се распореди и изедначи.

Вака приготвеното млеко е подготвено да се складира. Наполнете чаши, тегли или соодветни садови за тоа, па одозгора покријте ги со хартиена салветка и фиксирајте со гумено ластиче. Не ги затворајте со капаци или фолија, бидејќи млекото треба да „дише“.

За ферментација на млекото може да се искористи рерната. Вклучете ја да се загрева на 100 степени, па откако ќе ја постигне температурата, оставете да грее на оваа температура 10 минути (празна). Потоа исклучете ја рерната.

Наредете ги чашите/теглите со млеко во еден плех, па затворете ги во топлата и исклучена рерна. Оставете го млекото да ферментира 4 часа, а потоа вашиот цврст јогурт е подготвен за консумација. Потоа се чува во фрижидер. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.