СУВИ БОЖИЌНИ КОЛАЧИ: Од едно тесто 4 вида, не знаете кое од кое е повкусно

Подгответе неколку видови суви, божиќни колачи од само едно едноставно тесто. Играјте си со вкусовите и облиците, па пригответе си колачиња по свој мерак. Испробајте ги уште отсега, а за Божиќ пригответе уште една или две тури, нема да се покаете, имаат долг рок на траење, омилени се за празниците.

За првиот предлог на Маријана имате и видеопрезентација ОВДЕ каде детално, чекор по чекор е објаснета целата постапка за приготвување на основните божиќни колачи – ванилици, наречени „линцери“. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (Ванилици – Линцери): 300 г путер/маргарин, 1 јајце + 1 жолчка, 1 чаша (од 250 мл) шеќер во прав, 1 лажичка ванилин екстракт, 3.5 чаши брашно, 1 прстофат сол, 0.5 лажичка прашок за печиво и приближно 1 чаша џем за мачкање на ванилиците + шеќер во прав за наросување

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (1 тесто за 4 вида колачи): 1 кг брашно, 500 г маргарин/путер, 300 г шеќер во прав, 2 јајца, 1 жолчка (белката се сочувува за премачкување на кексите). Дополнителните додатоци ќе бидат набројани при описот на постапката за секој рецепт поединечно:




ПОСТАПКА за рецепт 1: Путерот исечкајте го на коцки и оставете го да омекне на собна температура. Потоа пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав додека да добиете кремаста структура. Потоа додајте го јајцето и жолчката, екстрактот од ванила и повторно изматете до изедначување.




Во подлабок сад просејте го брашното и помешајте го со прашокот за печиво и прстофат сол, па додајте мешавината од путер и убаво со раце замесете компактно, мазно и изедначено тесто кое не се лепи и се одвојува од ѕидот на садот. Развлечете го во кора врз набрашнета површина, а за полесна работа поделете го на половина).




Секоја од половините завиткајте ги во проѕирна-стреч фолија и оставете да се оладат и стегнат во фрижидер, 15-тина минути. Потоа развлечете ги во потенки кори, со калапи вадете различни форми и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Остатокот од тестото соберете го и повторно развлечете го, па вадете облици додека да се потроши целото.




Колачите печете ги во претходно загреана рерна на 150 степени 10 минути. Оставете ги да се оладат пред лепењето. Горните кекси наросете ги со шеќер во прав, а врз долните мачкајте малку џем и поклопувајте ги. А еве ја и постапката и за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: тестото се приготвува слично како и кај првиот рецепт, одн осно сите состојки ставете ги во поголем сад и со рака добро измесете додека да добиете фино, мазно тесто кое лесно се обликува. Бидејќи количината е малку поголема, потребно е малку подолго време додека убаво да се измеси тестото. Поделете го на 4 еднакви делови.




Едниот дел оставете го онаков каков што е, па од него направете класични ѕвездички кои подоцна ќе ги лепите со џем и ќе ги наросите со шеќер во прав. Во останатите делови од тестото додавајте зачини по желба или правете ги според подолу предложените рецепти.




КАКАО SВЕЗДИ СО НУТЕЛА. Во тестото додајте 1 лажица какао во прав и добро измесете го. Потоа тенко развлечете го на работна површина која сосем малку сте ја наросиле со шеќер во прав, па вадете божиќни ѕвездички. Печете ги 5-7 минути на температура од 180 степени. Оладените ѕвездички лепете ги по две со нутела, а потоа прошарајте ги со малку растопено чоколадо за готвење и декорирајте со бисерчиња.




КОЛАЧИ СО ЦИМЕТ И ПОРТОКАЛ: Во тестото додајте ситно рендана кора од еден портокал и две лажички цимет. Тестото тенко развлечете го на работна поврпина наросена со малку шеќер во прав, па со калап вадете тркалца.

Печете ги 5-7 минути на 180 степени, а кога ќе се оладат прошарајте ги со прелив направен од шеќер во прав помешан со сокот од портокал. Наросете со кристал шеќер и цимет. ЗА ПРЕЛИВ: 2 лажици лимонов или сок од портокал, па малку по помалку додавајте шеќер во прав и мешајте додека да добиете средно густ прелив, погоден за декорирање.




ЦВЕТЧИЊА СО БАДЕМИ И ПОРТОКАЛ. Во тестото додајте рендана кора од портокал и малку арома од бадем. Тестото тенко развлечете го врз работна површина со малку шеќер во прав, па со калап вадете цветчиња. Премачкувајте ги одозгора со белката која ја сочувавте, па наросувајте со бадемови ливчиња и ванилин шеќер. Колачите печете ги 5-7 минути во загреана рерна на 180 степени.

Претходна статијаТРИК СО ГАЗИРАНА ВОДА: Teгнета влашка пита на поразличен начин – сочна и вкусна
Следна статијаИмаат вкус на кифлички, но многу полесно се прават и многу подекоративно изгледаат – запишете си го овој рецепт