Супер брзи кифлички кои ќе ве воодушеват. Се приготвуваат лесно и многу брзо. Овие кифлички се брзи колку што вие брзо можете да го замесите тестото. Кифличките стасуваат само онолку колку што и потребно на рерната да се загрее – П.Теа




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 лажичка сол, 100 мл масло, 1 чаша кисела павлака (180 г), 1 кесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 200 мл млако млеко.




ПОСТАПКА: во подлабок сад за месење ставете ги брашното, прашокот за печиво и една лажичка сол. Промешајте за да се распоредат состојките рамномерно.




Потоа во брашното направете вдлабнување, па додајте го маслото и киселата павлака која претходно сте ја оставиле да отстои на собна температура (да не е директно од фрижидер).




Во млакото млеко растворете една лажичка шеќер и сувиот квасец. Промешајте и додајте во брашното заедно со останатите состојки. Најпрво промешајте со лажица или шпатула, а потоа тестото замесете го со рака.




За многу кратко време ќе забележите дека тоа ќе стане мазно и компактно. не треба да го оставате да отстојува, туку веднаш поделете го на два дела за полесно да можете да ги развлекувате корите.




Од едната половина со помош на рацете формирајте ваљак, а потоа со помош на оклагија развлечете правоаголна кора. Работната површина и кората по потреба наросувајте ја малку брашно за да не ви лепи.




Потоа кората исечете ја цик-цак на долги триаголници. Доколку сакате можете да ги филувате, но вкусни се и ако ги оставите празни. Виткајте ги започнувајќи од поширокиот дел. Секако, корите можете да ги развлечете и кружно, за помали кифлички.




Приготвените кифлички редете ги во плех обложен со хартија. Одозгора премачкјате ги со јајце (или жолчка разматена со една лажица млеко или масло), а одозгора наросете сусам или семе по ваша желба.




Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, а потоа кифличките печете ги 15 минути. Вкусни се и топли и ладни. Постапката за нивно приготвување погледнете ја во видеото ОВДЕ.