Брза и едноставна торта за која не ви е потребно печење. Целата е мека, кремаста, се топи во уста, а има предобар вкус.

Потребни состојки: 20 г желатин, 8 лажици вода, 700 мл млеко, 150 г шеќер, 400 мл слатка павлака, 150 г бисквити по избор, 150 г црно чоколадо и 50 г бело чоколадо

Постапка: Дваесет грама желатин натопете со осум лажици вода и промешајте. Оставете на страна да набубри. На оган ставете 700 мл млеко со 150 г шеќер и промешајте. Кога ќе зоврие, тргнете го на страна и веднаш во него додадете го коагулираниот желатин.

Промешајте убаво за да се соедини и растопи, па оставете на страна целосно да излади и да згусне. Во посебен сад изматете 400 мл слатка павлака во цврст шлаг. Згуснатото млеко исто така изматете го убаво со миксер, а потоа додадете го во шлагот и заедно изматете ги за да се соединат.

Добиениот крем поделете го на два дела: Во едниот дел додадете 150 г кршени бисквити, а во вториот дел додадете 150 г рендано црно чоколадо и 50 г бело чоколадо.

Двете смеси убаво промешајте ги. Во калап за торти (24 см) прво нанесете го филот со бисквити и убаво израмнете. Врз него распоредете го филот со чоколадо и убаво израмнете.

Тортата оставете ја во фрижидер неколку часа, а најдобро преку цела ноќ за да се стегне и бисквитите да омекнат. Следниот ден отстранете го обрачот и декорирајте ја тортата со чоколадна глазура, чоколадни трошки, шлаг, кекси или по желба. Постапката можете да ја погледнете во видеото: