Фото и рецепт на Ленче Гогова: Струмички празарник со димено месо и една црвена пиперка. Рецептот за ова многу вкусно јадење со праз ни го откри нашата драга членка Ленче Гогова во групата НМД рецепти. Вкусно традиционално јадење за љубителите на празот.

За да го приготвите ова јадење, не мора прецизно да се придржувате до количината на состојките, туку може да го приготвите и со состојки кои ги имате во кујна, односно кои ви се наоѓаат при рака.

“Се дроби празот и се пропржува, се додава исечено на коцки димено месо (или друго месо претходно пропржено) и една голема црвена пиперка. Се додаваат зачини и малку водичка (или вино) и се потпекува во рерна” – вели Ленче.

Потребни состојки: 500 г свинско месо (или димено месо), 4 страка праз, 200 мл вода, 200 мл бело вино, 100 мл масло, 1 лажичка сол, 1 лажичка сув зачин (вегета), 2 лажички црвен пипер, црн пипер по вкус, 1 сечкана црвена пиперка (или везена лута пиперка).

Постапка: Празот ситно исечкајте го. Месото ако не е димено, прво него кратко пропжете го на силен оган, колку да му се затворат порите и да добие убава боичка.

Потоа пропжете го празот и пиперката, сите состојки измешајте ги и зачинете ги по вкус. Целата смеса прелијте ја во плех или огноотпорен сад, затворете со капак или алуминиумска фолија и печете во загреана рерна околу 40 минути на 220 степени.

Потоа тргнете ја фолијата/капакот, промешајте малку и вратете да се допече и зарумени, а и да испари вишокот течност. Јадењето послужете го со прилог кисело млеко, павлака, сирење… Многу е вкусно, пикантно и неодоливо.

Фото и рецепт на Ленче Гогова