Ванилиците се колачи од нашето детство, едни од најдобрите. Сигурно се сеќавате на она, кога утредента не можеш да дочекаш, а тие мора да отстојат, бидејќи потоа се топат во уста, но тебе, тебе ти се фантастични и првиот ден, иако се тврди сè уште, па се врткаш додека никој не те гледа за да земеш уште едно.

Ванилиците секогаш задолжително се правеа за секоја слава, роденден или било каков свечен настан.

Потребни состојки:

250 г маст/путер/маргарин
3 јајца
1 филџан за кафе шеќер
500-600 г брашно
шеќер во прав за наросување
џен од кајсии за спојување (или каков имате)

Постапка:

Маста добро изматете ја со јајцата и шеќерот. Додадете брашно, па замесете тесто кое не се лепи на раце, но да биде меко.

Развлечете кора со дебелина на 5 мм па вадете тркалца со мала ракиена чашка или некое капаче.

Колачите редете ги во намастен плех и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени додека да започнат малку да заруменуваат.

Мора да останат светли. Кога ќе изладат ќе бидат тврди, но така треба да бидат. Спојувајте ги две по две и мачкајте ги со џем од кајсии помеѓу.

Секоја ванилица потоа извалкајте ја во шеќер во прав и редете врз чинија за сервирање. Послужете следниот ден, бидејќи ќе омекнат и ќе се топат во уста. Ако при стоењето ванилиците го впијат првобитниот шеќер, дополнително уште еднаш извалкајте ги во шеќер во прав, во кој може да додадете и ванила.

Recepti.com