Ова е еден старински рецепт за колач кој мајка ми многу често го приготвуваше. Се прави од само неколку состојки, многу добар, би рекла одличен. Го има во оние старите готварски книги кои се пишуваа порано, па доколку сте ги сочувале од вашите мајки или баби, сигурно ќе ги најдете овие рецепти, кои особено се познати во битолскиот крај.




I РЕЦЕПТ. Шарени штангли. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г путер, 2 жолчки, 70 г шеќер во прав, кора од 1 лимон, 1 лажица млеко, пола лажичка прашок за печиво, 200 г брашно. ЗА ФИЛ: 4 белки, 200 г шеќер во прав, 150 г ореви, 1 ќесичка ванилин шеќер, сок од еден лимон, 1 лажици какао.




ПОСТАПКА: За базата се прави тесто како за ванилици и се развлекува кора на намастен плех. Потоа се премачкува со фил и се пече на тивко околу 160 степени додека да се испече одвнатре тестото околу 20 минути. Додека сè уште е топло тестото се сечат штанглици на 7×2,5 см.




ЗА ФИЛ: Белките се матат со миксер без шеќер, а откога ќе се формира пенаста структура постепено се додава шеќерот (лажица по лажица). Потоа се додава ванилиниот шеќер, какаото и пред крајот сокот од лимон. Оревите внимателно се вмешуваат со дрвена лажица па се премачкува тестото.




II РЕЦЕПТ: Марципан штангли.  ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг шеќер, 250 мл вода, 125 г путер, 1 кг мелени бисквити, 250 г млеко во прав, 250 г мелени ореви. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо за готвење, 150 г шеќер во прав, 3 лажици какао, 125 г путер.




ПОСТАПКА: Шеќерот се вари во водата како шербет 10 – 15 минути, па додека е сè уште врел се додава путерот и се трга од оган. Потоа се додаваат млекото, оревите и бисквитите. Енергично се меша со дрвена лажица за да се хомогенизира смесата и се излева во претходно малку натопен со вода емајлиран плех па откога ќе се излади се прелива со глазура.




ЗА ГЛАЗУРА: Сите состојки предвидени за глазура се соединуваат на пареа, добро се промешува додека да се соедини смесата и се излива врз базата, распоредена подеднакво.




III РЕЦЕПТ. Црно бели штангли. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 жолчки, 1 јајце, 6 лажици шеќер во прав, 250 г сечкани ореви, 25 г рендано чоколадо. ЗА ПРЕЛИВ: 5 белки, 5 лажици шеќер во прав.




ПОСТАПКА: Жолчките, јајцето и шеќерот се матат пенасто, а оревите и ренданото чоколадо се вмешуваат со дрвена лажица. Од оваа смеса на масна хартија се развлекува кора и се пече на 150 степени додека да се потсуши кората.




Од белките пак се мати снег, постепено се додава шеќерот во прав и кога ќе се добие бела и сјајна смеса се премачкува жолтиот дел што се печел, па се враќа во исклучена, но сè уште топла рерна и се остава да се исуши. После се остава тестото да се излади и со нож натопен во врела вода се сечат „штангли“ по желба.