Можеби не сум единствената, можеби има и други млади домаќинки кои не знаат како треба, па затоа го пишувам овој рецепт. Освен што дознав како се варат пченките, исто така, дознав и колку е лековита водата во која се вареле и дека не треба да се фрла. Не сум знаела ниту дека е толку вкусна и слаткаста…




Што да ви кажам…кога ми побараа децата да им сварам пченки, јас се најдов во небрано. Срам-несрам, и‘ се јавив на мајка ми да ја прашам како се варат пченки… Дали е срамота или не е… кој си признава, половина му се простува : – )




Помалото дете ме праша кога ќе сварам пченки..хмммм…тоа ќе ми биде првпат…секогаш одиме кај некого на варени пченки… Епа ајде…Но, но тоа немаше да се случи, ако не ја слушнав кумата Гоца како вика во продавницата каде што работи:




„Има ли уште од тоа пченката?” На што доби одговор: „Има…уште некои 20-тина парчиња”. А јас на тоа: „А кумо, баш сите ќе ги купиш?” Ми рече дека нема…И така, јас се охрабрив за цели 5 пченки, колку за проба.




И како? (Ова за таквите како мене, а останатите на кои им е смешно ова прашање, како се вари пченка, нека не ми забележуваат де…).

РЕЦЕПТ: Значи, купете пченка колку што планирате да варите. Надворешниот слој листови отстранете им ги и фрлете ги, а оние внатрешните извадете ги и наредете ги на дното од тенџерето во кое ќе ги варите пченките.




Исто така, отстранете ја свилата и „избришете и ги брковите” и сочувајте ги (исушете ги во ладовина и потоа сварете чај со нив за прочистување на уринарниот тракт). Наредете ги пченките во тенџерето и прелијте ги со вода, да бидат прекриени.




Можете и да ги преполовите, за подобро искористување на просторот во тенџерето. Јас ставив и лажичка сол, но не мора. Поклопете. Јас капакот го ставив наопаку за да се потиснат пченките во водата.




Оставете да се варат…па, ако е многу млад (ми рече мајка ми) некои 30-тина минути. Јас ја варев пченката 45 минути, бидејќи не знаев да и ја проценам нејзината старост или младост, хаха. После половина час пробав неколку зрна, но за секој случај оставив уште малку да се варат.




После тоа, ви останува само да ги извадите пченките. Нема тука што да се сервира. Само посолете и уживајте, па и не мора да ги солите. Оние кои сакаат да експериментираат, нека пробаат со малку путер да ги премачкаат додека се топли, и така се многу убави!




После уживањето во сочната пченка, ви преостанува само чепкалки за заби и средување на истите. А сега малку за течноста во која се вареле. Ако не ви испарила целата течност (значи внимавајте, тоа не смее да се случи), еве како можете да ја искористите:




Пченката е позната по своето изобилство од хранливи материи и витамини, 5-10 пати во поглемо количество отколку што се содржани во оризот и пченицата. Освен тоа, содржи и некои хранливи материи кои не можат да се добијат од другите житарици.

Покрај другото, пченката е богата со растителни влакна кои помагаат во проблемите со запекот и ја олеснуваат работата на дигестивниот тракт. Помагаат во намалување на лошиот холестерол во крвта и го забрзуваат отстранувањето на токсините од дигестивниот тракт.

Пченката е богата со витамините А. Е и глутамат, кои имаат својство да го спречуваат предвременото стареење и да го одржуваат младешкиот изглед на кожата.

Пченкарното масло исто така, се користи во терапиите за намалување на новото на лошиот холестерол во крвта и спречување на атеросклероза. Метаболизмот на телото и функционирањето на нервниот систем, исто така, може да се подобрат со монсумирање на пченка. Покрај тоа, високото ниво на каротин може да ги исчисти и канцерогените материи од телото.

Овој вкусен плод изобилува со витаминот Б кој спречува појава на бери-бери, го подобрува варењето на храната и го одржува тонусот на кожата. Покрај тоа, пченката може да помогне и во подобрување на функционирањето на жолчното кесе и екскрецијата на жолчниот сок.

НЕ ЈА ФРЛАЈТЕ ВОДАТА ВО КОЈА СЕ ВАРЕЛА ПЧЕНКАТА

После внимателно истражување, се дошло до заклучок дека водата во која се варела пченката не само што има мирис и вкус на пченка, туку има и силни антиинфламаторни својства и може да се користи за спречување на инфекции во мочниот меур.

Бидејќи во водата остануваат многу хранливи материи, се препорачува истата да не се фрла, туку да се испие веднаш како топол чај, или да се складира во фрижидер, па подоцна да се испие како освежителен напиток.

Уште подобро ако од младата пченка не сте ја отстраниле зеленкастата свила која ги обвиткува зрната, па да ја сварите комплет во водата. Оваа течност има суперпрочистувачки ефект и може да ги прочисти бубрезите од песок, да ги ослободи мочните канали и да го исфрли талогот од мочниот меур.

Ако течноста во која се варела пченката не ви е многу вкусна, можете да ја засладите со мед, со неколку ливчиња нане или босилек, да додадете некое парче ѓумбир, 2-3 зрнца нанасон или ким…