Некои ја нарекуваат „Седмо небо“, за некои е „Ледено небо“, други пак ја знаат како „7+7+7“ бидејќи сите состојки одат претежно во 7… Може да се приготви како колач, односно да се приготви во правоаголен плех, а потоа да се сече на коцки, но може да се приготви и во тркалезен калап како торта.




За вас приготвивме два рецепти од архивата на НМД.мк, еден за колач и втор за торта, кои се разликуваат многу малку, а речиси се идентични. Првиот рецепт е насловен како торта „Ледено небо“, а вториот како колач „7+7+7“. Прочитајте ги и двата, па одберете го оној кој повеќе ви одговара.




РЕЦЕПТ 1 Потребни состојки: 7 белки, 7 лажици шеќер, 7 лажици остро брашно просеано, прстофат сол и 100 мл млеко за прелевање на кората. За крем: 750 мл млеко, 7 жолчки, 7 лажици шеќер, 5 лажици скробно брашно, 1 лажица обично брашно, 2 лажички екстракт од ванила, 2 кесички ванилин шеќер, 1 кесичка желатин, 150-200 г путер




Постапка: пенасто изматете ги белките со прстофат сол, па започнете постепено да го додавате шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Потоа започнете постепено да го додавате просеаното брашно и рачно промешајте.




Смесата се меша со лажица, со превртување од долу, за да остане воздушеста и пенлива. Во калап за торти ставете хартија за печење, па распоредете ја смесата и израмнете. Во загреана рерна ставете да се пече бисквитот 10 минути на 170 степени.




Кога бисквитот ќе се испече, преку него прелијте 100 мл топло млеко и оставете го некаде на страна да го впие и да се олади целосно. За тоа време можете да го приготвите кремот.




ЗА КРЕМ: Млекото ставете го да се загрее. Жолчките измиксајте ги заедно со шеќерот, ванилин шеќерот и екстракт од ванила. Од вкупната количина на млекото одземете малку и додајте во жолчките за полесно да се разредат и соединат.




Кога шеќерот ќе се растопи додајте го густинот и брашното, па миксајте додека да стане пенасто без грутчиња. Кога млекото ќе зоврие, додајте ја постепено смесата од жолчки со постојано мешање додека да згусне (исто како за пудинг).




Оставете го кремот некаде на страна да се олади, со повремено промешување за да не се создаде коричка. Потоа добро измиксајте го за да стане мазен, па додајте путер омекнат на собна температура и три лажици желатин. Една лажица желатин оставете за шлагот.




ЗА ШЛАГ: Во млекото додајте го прашокот за шлаг и миксајте до посакуваната густина. Додајте една лажица желатин и уште малку миксајте. Украсете ја желбата по желба. Дополнително тортата можете да ја декорирате и со филети од свежи јагоди или свежи малини.




РЕЦЕПТ 2 Потребни состојки: 7 белки, 7 лажици шеќер, 7 лажици остро брашно, 3 лажици млака вода. За прелив: 100 мл млеко + малку рум. За крем: 7 жолчки, 7 лажици шеќер, 6 лажици остро брашно, 1 лажица густин, 800 мл млеко, 250 г маргарин / путер, 1 шлаг пена и 50 г чоколадо

Постапка за приготување на бисквитот: изматете ги белките со постепено додавање на шеќер, па брашно, па вода. Смесата печете ја во намастена тепсија или калап (35х23 см), на 160 степени додека да зарумени, околу 25 минути.

Извадете ја кората штом ќе ја промени бојата, во спротивно ќе се пресуши. Оставете да излади, па избоцкајте ја со чепкалка и прелијте ја со 100 мл млеко и малку рум. За поубаво да впие, може млекото да се загрее.

Крем: добро изматете ги жолчките заедно со брашно, шеќер, густин и 100 мл млеко. Наведената смеса додадете ја во 700 мл врело млеко и варете како за пудинг околу 5 минути со постепено мешање, па тргнете на страна и оставете да излади.

Кога кремот ќе излади, додадете пенасто изматен путер и убаво промешајте за да се изедначи. Готовиот крем нанесете го врз кората. Потоа одозгора нанесете шлаг и наросете ситно сечкано или рендано чоколадо. / Сооlinarika.com