Едноставно се приготвуваат, декоративни се и многу вкусни! Толку ме воодушевуваат со вкусот, што речиси секоја недела ги правам и задолжително се на нашата трпеза за каков било повод и пригода.

Потребни состојки: 200 мл млака вода, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 20 г свеж квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, брашно по потреба. За премачкување: 1 јајце, сусам

Постапка: Во еден сад ставете млака вода, раздробен квасец, шеќер и малку брашно. Убаво разматете да се растопат квасецот и шеќерот, па оставете 10-тина минути на топло место, да се активира и запени.

Потоа додајте јогурт кој претходно отстојал на собна температура или малку замлачен, масло и сол. Брашното додавајте го постепено, па прво мешајте со маталка, а потоа со раце.

Замесете убаво и мазно тесто кое не лепи на раце, па оставете го покриено да стасува додека да го удвои волуменот. Потоа тестото поделете го на топчиња.

Секое топче развлечете го во кора со овален облик, со должина од 28 см, а ширина 10 см. Вертикално исечете ленти, но не до крај (погледнете фото, најдолу под пишаниот рецепт), па свиткајте во валјак.

Спиралните кифли редете ги во плех и оставете ги околу половина час уште еднаш да стасаат. Потоа одозгора премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги со сусам. Печете ги на 220-250 степени додека да добијат убава златна боја.

Печените кифлички вадете ги од рерна, а после неколку минути можете да ги послужите. Правата тура секогаш кај нас дома се изедува за неколку минути, па затоа правам двојна доза.

Прочитајте ја и слатката варијанта на овие спирални кифли, веднаш под фотографиите:

ФЕДЕР КИФЛИ: Стар начин на подготовка на слатки кифли наросени со шеќер, виткани спирално / Фото и рецепт: Марија Херац

Потребни состојки: 500 мл млеко, 1 квасец, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 10 лажици масло и 1 кг брашно

За премачкување: 250-300 г маргарин или маст, 4 лажици шеќер или повеќе и 3 јајца (некои ги премачкуваат со фил од 300 мл растопена маст и околу 500 г шеќер, а може и малку цимет да се стави)

Постапка: загрејте го млекото да биде млако. Издробете го квасецот, додајте шеќер и промешајте. Оставете го на топло да се активира. Во еден сад просејте половина од брашното, може да додадете и една лажичка прашок за печиво. Додајте сол и масло и активираниот квасец.

Смесата добро соединете ја, па кога ќе се изедначи, додавајте постепено брашно по потреба. Замесете меко тесто, да не се лепи на рацете. Поделете го два или три дела.

Топките од тесто со дланките развлечете ги да бидат со дебелина од 2 см и покријте ги и оставете ги да стасуваат додека да се удвојат. Кога тестото ќе стаса, префрлете го на работна површина прекриена со чаршав за тегнење кори.

Тестото малку сплескајте го и премачкјате го со маст или маргарин. Потоа започнете полека да го растегнувате со рацете, започнувајќи од средината кон крајот. Внимавајте да не ви се искине.

Кога кората ќе ја развлечете наросете ја со масло или растопена маст и преку целата површина со шеќер, или пак, премачкајте ја со фил: изматена маст со шеќер и три јајца.

Кората свиткајте ја во ролна, така што од едниот крај ќе го поткренете чаршавот, и ќе оставете кората да се истркала и свитка до средината. Истото ќе го направите и од другата страна, а двете ролни потоа ќе ги разделите со пресекување на кората помеѓу нив.

Ролните навиткувајте ги околу некој ваљак, а традиционално се виткаат околу пченкарен кочан. Кога ќе дојдете до крајот, пресечете го тестото, па продолжете ја постапката додека да се потрошат сите ролни.

Федер кифлите редете ги во обложена тепсија и оставете ги да стасаат околу половина час. Печете ги во загреана рерна на 200 степени додека убаво да заруменат. Кој сака, пред печењето може да ги премачка со јајце. / Фото и рецепт: Марија Херац