Коментарите за овој рецепт: “Тукушто ја направив пицата по овој рецепт, совршено тесто. Ви благодарам!”; “Рецептот за пица е феноменален. Сум правел и според други рецепти, но овој дефинитивно е победникот. Чиста десетка”; “Рецептот е совршен, пицата која ја испеков со ова тесто излезе одлично!”

Потребни состојки:

500 г остро брашно
3-5 г сол
10 г свеж квасец
325 мл ладна вода

Постапка:

Тестото можете да го приготвите и со меко брашно, но со острото брашно се добива токму оној препознатлив ефект. Полесно се обработува и формира. Тајната е во ладната вода и острото брашно.

Во подлабок сад ставете 500 г остро брашно, 4 г сол, па промешајте добро бидејќи квасецот и солта не се сложуваат.

Свежиот квасец издробете го и промешајте го со малку вода (од оние 325 мл ладна вода) и промешајте да се растопи.

Остатокот од водата додадете ја во брашното и промешајте. Додадете го и растопениот квасец, па убаво промешајте додека да се соедини. Тестото понатаму измесете го рака, па префрлете го на работна површина и добро изработе го додека да стане еластично.

Тестото оставете го покриено на топло место околу половина час, за да стаса и да се удвои. Потоа тестото поделете го на половина и од секој дел формирајте топчиња. Вака формираните топчиња покријте ги и оставете ги да стасуваат уште половина час.

Работната површина обилно набрашнете ја со остро брашно, па со тупаницата притискајте ја топката од тесто од средината кон краевите, растегнете ја во тркалезна кора (види видео).

Кората префрлете ја во пекачот за пици (тепсија) и дорастегнете ја со прстите според големината на тепсијата.

Пицата филувајте ја по вкус. Се пече на највисока можна температура (250 степени или повисоко) во рерна која се загревала најмалку половина час претходно. Се пече 10-тина минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: