СОВРШЕН РЕЦЕПТ: Ароматично лепче со сос од лук, секогаш го правам во двојна доза. Рецепт на Вкусен Ден. Оваа закуска со вкусно ароматично лепче стана неделна традиција во нашиот дом.

Рецептот е многу лесен за подготовка, а резултатите се феноменални. Некои ќе речат дека е исто како пица маргарита бидејќи така изгледа, а некои пак овие лепчиња ги споредуваат со фурнаринки.

Без разлика што и да се, јас ги подготвувам редовно дома. Сите ги обожаваат и многу брзо се јадат, па често ги подготвувам во двојна доза. Нема за згрешите доколку ги направите, а рецептот прочитајте го во продолжение.

Потребни состојки за тесто: 1/2 голема лажица сув квасец, 1 голема лажица шеќер, 120 мл топла вода, 200 г брашно, 1/2 голема лажица сол и 2 големи лажици масло. Количината на шеќер и сол може да ги прилагодите по потреба.

За сос: 2 големи полни лажици несолен путер, 30 г или 1 полна голема лажица крем сирење, а може да ставите и павлака и уште 10 г ситно сечкан лук или повеќе доколку сакате појак вкус. И уште ќе ви биде потребно: 280 г рендана моцарела, малку пармезан и оригано за наросување.

Постапка: Во подлабок сад замесете го тестото. Прво ставете го квасецот, додајте го шеќерот и топлата вода и промешајте додека квасецот се раствори во водата. Потоа додајте го брашното заедно со солта и започнете да замесувате тесто.

Најпрво состојките ги мешате со лажица додека да почне да се формира тестото, а потоа преминувате на месење со раце. Доволно е да се формира меко и нелепливо тесто без остатоци од брашното на него.

Доколку тестото има остатоци од состојките или е како распаднато, започнете да го ,,фрлате” на подлогата која го месите. Потоа вратете го во садот и додајте го маслото и месете сè додека тоа добро се апсорбира во тестото.

Ставете го тестото да стаса, 2-3 пати повеќе од почетната големина, за тоа ќе му биде потребно отприлика 1 час. Во меѓувреме подгответе го сосот од лук: Исчистете го лукот и ситно исечкајте го. Во него додајте го крем сирењето и претходно растопениот путер и се измешајте во компактна смеса.

Кога тестото ќе ја удвои својата големина, пресечете го на два еднакви делови и замесете го секој дел навнатре за да се ослободат гаcoвите од него. Потоа развлечете го секој дел со оклагија во тенок правоаголник како за пица.

Вака подготвеното тесто ставете го на хартија за печење и премачкајте го со пастата од лук. Одозгора наросете моцарела или некој друг лесно растоплив кашкавал, малку пармезан и оригано. На ист начин подгответе го и второто тесто.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 210 степени, 8-10 минути, а потоа извадете од рерна, оставете малку да се излади и сечете на помали коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.