Неодоливи печива кои сите ги сакаме. Секогаш ни фалеле солените стапчиња во локалната пекарница, каде што живееме, па решив да ги направам сама. Домашни печива, толку меки и вкусни и остануваат свежи и до неколку дена. Брза и лесна подготовка за да не мора да одите во пекарница.

Најмалите ќе бидат најсреќни, а и постарите ќе се навратат во училишните денови кога сите трчавме на големиот одмор да си купиме солено стапче и чаша јогурт. Тестото е многу меко, еластично и брзо се замесува, нема да потрошите многу време со него. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 8 г сув или 35-40 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 300 мл млако млеко, 1 лажичка сол, 100 мл масло. ЗА ПРЕЛИВ: 2 лажици брашно, 1 лажица сол, 1 лажичка прашок за печиво или половина лажичка сода бикарбона, 5 лажици вода.

ПОСТАПКА: Во сад истресете една кесичка сув квасец или изронете го свежиот квасец. Прелијте со 300 мл замлачено млеко (минимум отстојано 1 час на собна температура), додајте 1 лажичка шеќер и 2 лажици брашно и промешајте. Почекајте 5 минути додека квасецот да се активира во топла просторија.

Потоа, постепено додавајте ја преостанатата количина на брашно (јас правам 10 стапчиња, вкупно искористив 500 г брашно). Прво мешајте ја смесата со кујнска, дрвена лажица, па кога ќе почне да се згуснува и да се формира тесто, преминете на месење со раце. Соединето го тестото додека да стане компактно, но не го месете и не го притискајте премногу за да не биде тврдо.

Пренесете го тестото на набрашнета површина и покријте го со превртен подлабок сад и оставете го малку да нарасне во топла просторија. Потоа, премесете го уште малку, па вратете го под садот да ја удвои својата големина, односно да порасне колку целиот сад.

Домесете го уште малку додека да излезе насобраниот воздух од него, па обликувајте подебел валјак и поделете го на 10 еднакви делови или колку и да сакате (отприлика секое делче треба да е 80-100 г). Обликувајте топчиња, намастете ги со масло и оставете ги само 5 минути да одморат.

Потоа, секое топче развлечете го во тенка елипсовидна форма и завиткајте го во тенко стапче, кое малку треба да го притиснете при формирање. На истиот начин подгответе ги сите стапчиња. Редете ги стапчињата на плех, обложен со хартија за печење, малку одвоени (кога ќе се испечат ќе се спојат).

Премачкајте ги со малку масло, па печете ги на 200 степени, 10-15 минути, потоа се вадат и се покриваат со преливот и се враќаат во рерна уште 3-4 минути. Преливот се излева во тенки линии, по малку, а се подготвува на следниов начин.

ЗА ПРЕЛИВОТ: Измешајте 2 лажици брашно со 1 лажичка сол, 1 лажичка прашок за печиво. Постепено додавајте вода и матете го преливот додека да нема грутчиња. Треба да биде нешто погуст од смеса за палачинки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.