Рецепт на Сања од „Кујната на Аурора.“ Рецептите за посни колачи се подеднакво барани, зашто многу се вкусни, исто како и обичните кои се подготвуваат со јајца и млеко. Постојат милион верзии на посни десерти, а неодамна Сања го сподели овој рецепт за чоколаден колач.

Кој не пости може водата да си ја замени со млеко, како и некои од останатите состојки, но навистина нема потреба од тоа бидејќи колачот е многу вкусен и сочен, целиот е прелиен во чоколадо, како да не е на вода. Детално прочитајте ја постапката во продолжение. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 130 г шеќер, 12 полни лажици брашно (околу 300 г), 250 мл вода или млеко за оние кои не постат, 3 лажици какао во прав, 1 кесичка (14 г) прашок за печиво, 5 лажици масло, 5 лажици џем по избор (јас користев џем од праски). ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 200 мл вода или млеко доколку не постите, 1 чоколаден пудинг, 5 лажици шеќер. За глазурата е потребно: 100 г чоколадо, 3 лажици масло.

ПОСТАПКА: Во сад сипете ја водата и додајте 5 лажици од џемот. Промешајте додека да се изедначи, па преминете на матење со миксер додека постепено го додавате шеќерот. Кога шеќерот ќе се растопи, во тенок млаз излејте 5 лажици масло и повторно соединете.

Низ сито, просејте 12 лажици брашно, но постепено додавајте го како што миксирате. Кога брашното ќе се соедини, се просејуваат 3 лажици какао и 1 кесичка прашок за печиво. Смесата се соединува еднолична со првата брзина на миксерот. Потребно е да има густа конзистентност, но сепак да се излева лесно.

Подгответе си плех или калап и обложете го со хартија за печење или намастете и набрашнете го. Калапот кој јас го користев е со димензии 28х20 см. Излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја. Претходно вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па колачот печете го 30-тина минути.

Во меѓувреме измешајте ги состојките за преливот. Во помал сад сипете 200 мл вода, истресете 1 кесичка чоколаден пудинг и додајте 5 лажици шеќер (или по вкус). Измиксајте во хомогена смеса. Кога колачот ќе се испече, почекајте сосем малку да се олади, па исечете го на коцки со големина по ваша желба.

На местата каде што е пресечен колачот сипувајте во тенок млаз од смесата со пудинг, а потоа кога ќе ги пополните сите празници, излејте преку целиот колач. Вратете го колачот во рерна на истата температура уште 8 минути да се допече. Во меѓувреме подгответе ја глазурата.

На пареа или на тивок оган растопете ги чоколадото и маслото, па излејте ја глазурата преку врелиот колач. Колачот може веднаш да се послужи или да се почека глазурата малку да се стегне на собна температура. Подеднакво е вкусен и ладен и топол. Деталите погледнете ги ОВДЕ.