Солени едноставни мафини кои остануваат меки и следниот ден – добар рецепт кој вреди да се проба

Рецепт и видео прилог на Бокина Кујна: Солени мафини

Многу едноставно се приготвуваат, одлични се за појадок или вечера. Што се однесува до полнењето, може да ставите што сакате по ваш вкус или што ви се наоѓа во фрижидер.

Loading...

Овие мафини не само што се вкусни и убави додека се топли, туку исто така, остануваат меки и свежи и кога ќе изладат. И следниот ден се потполно исти како тукушто да сте ги направиле.

Потребни состојки:

2 јајца
½ лажичка сол – по вкус
180 мл јогурт (1 чаша)
90 мл масло ( ½ чаша)
10 полни лажици брашно
1 прашок за печиво (12 г)
1-2 лажици сирење
малку сечкана шунка
малку спанаќ, рукола или власец – по желба
се пече на 180 степени, 25 минути
хартиени корпички за мафини

Постапка:

Во длабок сад ставете ги јајцата и посолете ги, па со миксер добро изматете ги додека да станат пенасти. Потоа додадете јогурт и масло, како и 1-2 лажици свежо сирење.

Повторно со миксерот убаво изматете за да се соединат состојките. Во брашното додадете една кесичка прашок за печиво и промешајте. Вака добро измешаното брашно постепено додадете го во смесата со јајца додека постојано матите со миксерот.

Руколата измијте ја и исечкајте ја ситно, а исто така и шунката, па додадете ги во смесата и промешајте со лажица. Тестото е полутечно. Хартиените корпички полнете ги со смесата 2/3 (не ги полнете до врв, затоа што при печењето ќе пораснат).

Одозгора наросете ги со сусам или ким/ленено семе и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото:

Loading...